Има ли причини?

Објавил: Калина Мартинска | 5 април, 2024 18:10

Тошковски се сомнева дека изборите ќе бидат фер и демократски

Фото/Текст извор: ©telma.mk

Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе го даде максимумот во следниот период, за државата да гарантира фер и демократски избори. Министерот Тошковски уверува дека службите се подготвени и се разгледуваат сите активности на оперативниот штаб. Но, дилемите на министерот останаа, а од Владата иако му ветиле, не му испратиле правно објаснување – зошто бил поставен началник на Секторот за внатрешни работи Тетово пред Тошковски да стапи на функцијата.

„Тоа што го говорев од аспект на загриженост се однесува на Владата, на нејзиното незаконито однесување и на тоа што сите го знаеме – дека Владата оценила дека само СВР Тетово не треба да има соодветен легитимитет којшто би требало да ја пренасочи одговорноста од аспект на гаранција за спроведување на фер и демократски избори“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Во насока на изборите, управните служби на МВР викендов ќе фотографираат млади лица коишто немаат документи, се со цел да можат да го остварат своето избирачко право. Предност ќе се даде на лицата кои немаат патна исправа, а сакаат да обезбедат лична карта, информира министерот.

„Секој еден од нашите млади граѓани коишто наполниле 18 години или ќе наполнат во овој временски период, ќе може да дојде за да се фотографира за да обезбеди лична карта којашто ќе биде обезбедена за разумен временски период, за да може да се легитимира во рамки на избирачките места и да си го оствари своето право на глас“, додаде Тошковски.

За ова реагираше дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев. Тој на социјалните мрежи напиша дека тој модел на фотографирање постоеше од октомври и тоа без возрасна ограниченост.

„Проектите кои биле успешни ги укинуваат, па сега пак ги враќаат некако модифицирано назад, со цел да прикажат дека нешто сработиле и направиле некаква измена“, рече Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик министер за внатрешни работи.

Тошковски денеска беше во посета на СВР Скопје. Во пресрет на изборите, тој бил информиран дека безбедносната состојба на територија на Скопје, но и целата територија на државата е стабилна.

Техничкиот министер и претходно најави засилено полициско обезбедување во Тетово, Гостивар и околината.

„Суштински проблем е зошто токму владата флагрантно го крши законот и тоа законот за влада особено одредбите кои се поврзани со изборите и при тоа се дрзнува да не ми дозволи мене како министер кој е предложен од страна на опозицијата, да постави началник само на еден сектор за внатрешни работи, а тоа е СВР Тетово. При тоа да не му дозволи на дополнителниот заменик министер кој што доаѓа од редовите на СДСМ да постави дополнителен началник на СВР Тетово, кое што е надлежно да се грижи за безбедноста и за фер и демократски избори токму на реонот Тетово, Гостивар и околината“ изјави за РСЕ, Панче Тошковски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.