Ветувања на хирургот

Објавил: Калина Мартинска | 20 април, 2024 19:26

Хирургот Филипче откога ги реши проблемите со Специјализантите, се зафати и со струјата?!

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Денеска од Струмица Д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина порача дека СДСМ ќе внесе нова економска енергија за европски раст и стандард на граѓаните и бизнис секторот.

„Најуспешни се оние земји во кои се создаваат бизниси, каде што има претприемачка идеја и средина која го поттикнува нивниот развој. Затоа ќе ги охрабриме ентузијастите својата идеја да ја преточат во реалност да отворат свој сопствен бизнис. Во новиот мандат СДСМ предвидува 180 милиони евра директна финансиска поддршка за бизнис секторот, нови вработувања и историски најниски 7% невработеност “– порача Филипче.

Локалната економија и малите бизниси се важен сегмент, истакна Филипче, по што потсети дека изминатите седум години мандат СДСМ градеше стратегијата за развој на домашната економија.

„Како и досега ќе продолжиме со креирање на политики кои ќе го поттикнуваат бизнисот и економскиот развој преку транспарентно и отчетно однесување со секој денар на граѓаните“ – истакна Филипче.

Тој порача дека покрај локалните бизниси сепак енергетските компании го имаат клучниот удел во економскиот раст затоа, СДСМ државните енергетски капацитети ќе ги предаде во рацете на граѓаните.

„Планираме енергетските компании да ги вратиме кај граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и деца, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство. Така контролата за работењето на енергетските компании ќе биде во рацете на граѓаните“ – рече Филипче.

 Филипче ветува 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија

Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата денеска оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.

Тој се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.

„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“ – рече д-р Филипче.

Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволил товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период.

„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“ – истакна Филипче.

Тој ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.

„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“ – порача Филипче.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.