Некои медиуми го поврзуваа (не)работењето на Шилегов со слабите изборни резултати на СДСМ во Скопје

Објавил: Данаил Михајловски | 27 мај, 2019 16:39

Шилегов не гледа причини за оставка и зборува за простотилук!

Фото/Текст извор: ©магазин

На никого не му е битно што мисли Шилегов за ВМРО-ДПМНЕ, за Зијадин Села, за ДУИ, за Павле Трајанов или за Амди Бајрам. Тоа, што би рекол Заев, е негова лична работа. Но, на мнозинството граѓани на Скопје им е битно до каде е реализацијата на проектите што Шилегов ги вети: трамвај во Скопје, туристичката атракција “зиплајн“ преку Вардар, итна гасификација, град без смог, 24 часа дежурни служби во општините, сообраќаен тунел под Кале, мост од Аеродром кон Автокоманда, булеварско решение за Визбегово и многу други ветувања. На граѓаните на Скопје не им вршат работа политичките пресметки на Шилегов со опозицијата, ниту неговиот вокабулар за популизам, фашизам, груевизам, режим или простотилук. На граѓаните на Скопје им треба одговорен градоначалник што ќе почне повеќе да работи, а помалку да збори.

Во јануари оваа година Шилегов одговараше на новинарско прашање зошто доцни гасификацијата на Скопје. После изјавата имаше дополнителни прашања, кои додека се поставуваа, Петре Шилегов му шепна на министерот Спасовски дека новинарите ништо не разбираат. Но, микрофонот на Телма го снимил и го објави овој настан, кој само покажа каква ароганција има градоначалникот на Скопје и колку Шилегов ги потценува новинарите.

„Прво би сакал да ги разликуваме поимите разрешен, сменет и дадена оставка. Јас заеднно со другите другари, потпретседатели на СДСМ, во текот на минатата недела ги понудивме нашите оставки и вчера Централниот одбор ги прифати тие оставки. Второ, уште пред седницата на Централниот одбор, јас истакнав дека наша задача како луѓе е победата којашто ја имаме на претседателските избори и да креираме внатрепартиски политики коишто ќе верификуваат таква идна победа на парламентарните избори со цел во Македонија конечно да го елиминираме простотилукот, примитивизмот и фашизмот што го промовира ВМРО-ДПМНЕ во последните 15 години“, рече денеска Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на реконструкцијата на улицата „Димитрие Чуповски“.

Шилегов потенцираше дека не планира да поднесе оставка од функцијата градоначалник на Скопје. Дел од анализите на изборната кампања на Пендаровски укажуваа на тоа дека и неработата на Шилегов значително придонела за слабиот резултат на СДСМ во Скопје. Инаку, во рамките на СДСМ, Петре Шилегов важи за дел од “урбаното“ крило на Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски и Рената Дескоска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.