Кавга и пцовки од Мухамед Зеќири кон Талат Џафери

Објавил: Данаил Михајловски | 25 февруари, 2019 10:31

Што толку безобразно му дофрли Мухамед Зеќири на Талат Џафери!?

Фото/Текст извор: ©магазин

Не е новина дека Мухамед Зеќири (СДСМ) има нетрпеливост кон Талат Џафери (ДУИ). Вчерашната седница за одземањето на имунитетот на Трајко Вељаноски, која беше прекината поради вербален инцидент, го покажа токму тоа. Имено, миг пред полноќ, нервозен што сеуште не се гласа одземањето на имунитетот, а процедурално сеуште збореше координаторот на ВМРО ДПМНЕ Мицевски, Зеќири стана од место, удри со пенкалото по масата, нервозно мафташе со рацете и според извор од присутните пратеници му рекол на албански јазик на Талат “прекини ја оваа манипулација, ти свињо една“. После ваквата провокација Талат нервозно му се обрати на Мухамед Зеќири да прекине, да не навредува, и тука ја прекина седницата. 

Пратениците од власта и опозицијата неколку сати расправаа околу тоа дали има основ да се свика оваа седница, оти надлежната Комисија за мандатно-имунитетни прашања, не донела заклучок со мнозинство гласови, односно четворица пратеници беа за, а четворица беа против. ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека правно Собранието нема за што да расправа затоа што немало заклучок од Комисијата, а власта нагласуваше дека седницата за одземање на имунитетот мора да се одржи.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во текот на расправата изјави дека одлуката за одземање на имунитетот е донесена на друго место, а како што рече „тука треба да се изврши само егзекуцијата“. Пратеникот од СДСМ и претседател на надлежната Комисија, Павле Богоевски истакна дека Комисијата не е таа која цени барање на суд и нема право да ги попречи судските процеси. Антонио Милошоски рече дека случајот против Трајко Вељаноски е политички нарачан процес со кој власта се обидува да си ја покрие својата неспособност да се бори против непотизмот, корупцијата и неисполнетите предизборни ветувања.

Но, како што наближуваат изборите, така станува се пожестока собраниската битка меѓу власта и опозицијата. А во оваа политичка драма сега се забележуваат тензии и внатре во самата владина коалиција, особено на релација СДСМ со ДУИ. Дали овие тензии се само преговарачка тактика за утврдување на заедничкиот кандидат за претседателските избори, ќе дознаеме во следните денови. 

Заради вчерашната напната атмосфера во Собранието, денес Спикерот Џафери ги одложи закажаните седници кои требаше да се одржат, а се однесуваа на битни реформски закони поврзани со евро-интеграциите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести