Односот на судијката Кацарска кон адвокатите на одбраната но и странките, веќе ја прели чашата, па очигледно ќе следат серија барања за нејзино изземање

Објавил: Мирко Бачиќ | 4 септември, 2018 11:58

Јанкулоска не сака Кацарска да и суди за „мерцедесот“

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Бранителот Боро Тасевски, адвокат на обвинетата Гордана Јанкулоска побара изземање на судијката Добрила Кацарска, образложувајќи дека добиле од Комисијата за заштита од дискриминација документ во кој има испратено мислење до бранителот дека се утврдило вознемирување.

-Комисијата наведува дека судот не и го признал правото на бременост и во период од еден месец закажал осум рочишта во услови кога Гордана Јанкуловска била во деветтиот месец од бременоста и дека Судечкиот совет не и ги признал лекарските потврди кои потврдувале ризична бременост и наредил преглед на Клиниката за гинекологија и акушерство, за време на којшто медиумите ја нарушувале нејзината приватност.

Како резултат на ваквото постапување, како и закажување на рочиште во 40-тата недела од бременоста на Јанкулоска и уште 23 рочишта од 29 август до 26 октомври, Комисијата заклучува дека судот отстапил од вообичаената пракса на закажување на рочишта и дека постои дискриминаторско однесување и постапување, што доведува до вознемирување и повреда на достоинството на лицето и претставува заканувачка, понижувачка и застрашувачка практика според член 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, пишува во образложението што го достави Тасевски.

Судијката Кацарска даде половина час пауза за да се произнесе судот.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани шест сведоци предложени од Обвинителството, утре да бидат изведувани писмени докази, а на 10 септември да се започне со сослушување на сведоците предложени од одбраната.

На претходното рочиште беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од Обвинителството, кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.

Сведоците одговараа на директни и вкрстени прашања од јавниот обвинител Стефчо Донев, адвокатката Сања Алексиќ и обвинетата Гордана Јанкулоска. Во исказите тие го објаснија спроведувањето на јавната набавка на блиндирано моторно возило, која била дел од годишниот план за работа, потоа тендерската документација и нејзиното составување, критериумите и евалуацијата на понудите, како и самото примопредавање на возилото.

Шестмина од сведоците во 2012 година биле вработени во МВР, додека еден бил вработен во Мак Ауто Стар.

Сведоците во своите искази кажаа дека, не ја познаваат лично обвинетата и немале никаков контакт со неа додека таа била на функцијата министер за внатрешни работи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.