Прв круг од претседатеските избори

Објавил: Калина Мартинска | 25 април, 2024 10:39

2:1 – Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.

Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.

Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.

Македонски концепт: Ја поздравуваме одлуката на кандидатот Пендаровски да го истрча и вториот круг

Колку беше важна победата на кандидатката Гордана Силјановска Давкова во првиот круг, толку е важна одлуката на кандидатот Стево Пендаровски да го истрча и вториот круг и да не ги бојкотира претседателските избори, велат од Македонски концепт.

„Бојкот никогаш не бил решение, ниту на Референдуми, ниту на Попис на население, ниту пак на Избори. Мора да се почитува волјата на народот и да биде мирно предадена власта на победничката Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, а чиј дел е и нашата партија Македонски Концепт.

Партијата Македонски Концепт честита на огромното водство на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, што е резултат на нашите политики за обединување на опозицијата, нешто што го депласираше и детронизирање ДУИ и нивните сдса измеќари, а со цел уште поголема победа во вториот круг на 8ми Мај, повикуваме на уште поголемо обединување и окрупнување на Коалицијата „Твоја Македонија“ со останати добронамерни политички партии и членови и симпатизери на останати партии, чии водства се платеници на ДУИ, но нивните поддржувачи се искрени Македонци и искрено се радуваат на оваа голема македонска победа.

Македонски Концепт го реафирмира својот став за граѓански концепт на Уставот на државата и ги повикува сите македонски граѓани, без разлика на етничка, верска, партиска или друга припадност, да се вклучите во нашите активности и на 8ми Мај да дадете поддршка на Коалицијата „Твоја Македонија“ и број 2 на гласачкото ливче и за претседателски и за парламентарни избори“, велат од партијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.