Главни теми коишто се наметнаа во дискусијата, а се и најбројни меѓу пристигнатите забелешки до МОН, се динамиката со којашто ќе се спроведуваат реформите како и обуките коишто им претстојат на наставниците.
„Го имаме најтранспарентниот процес до сега. Од големо значење е и мислењето на академиците коишто доаѓаат токму од Одделението за општествени науки за предвидената интеграција на предмети за поефикасно учење кое треба да ги подобри резултатите. Добивме многу конструктивни коментари, особено од наставници од пракса во изминатиот период, но и од други засегнати страни кои ќе бидат земени предвид“, рече Царовска.
Министерката посочи дека досегашните резултати од меѓународните и домашните тестирања покажуваат функционална неписменост кај ученици.
„Сите меѓународни и домашни извештаи и анализи упатуваат дека се потребни реформи со кои нашиот образован модел ќе се прилагоди на оној во земјите со современи образовни системи. Тоа укажува дека ни се нужни неодложни реформи во основното образование, ако навистина се грижиме за идните генерации и сакаме да фатиме чекор со современиот свет. На нашите деца им треба квалитетно образование коешто ќе ги донесе до врвот“, рече Царовска на средбата.
По носењето на концепцијата, планот е таа да се имплементира постепено во период од 6 години, почнувајќи во прво и четврто одделение од идната учебна година. За успешно спроведување на целиот процес МОН и Бирото за развој на образование се обврзуваат дека реформата ќе ја дочекаат подготвени и ќе се направи максимум наставниците да ја поминат потребната обука.
Реформата во основно образование е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма. Во нејзината изработка беа вклучени универзитетски професори, наставници, а земени се предвид и ставовите на родителите и учениците.
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.