Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, соопшти дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава, која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.

Објавил: Владо Марин | 4 септември, 2021 12:10

Пописот почнува утре, надлежните уверуваат дека ќе се почитуваат здравствените протоколи

Фото/Текст извор: ©360

Ако граѓаните инсистираат да бидат попишани од вакцинирани попишувачи, ќе им се овозможи тоа, вели директорот на Државниот завод за статистика

Од утре, со теренско собирање на податоците, во земјава ќе започне да се спроведува попис на населението и објектите. Како што најавија надлежните, пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи. Тие уверуваат дека не постои никаква шанса за ширење на вирусот меѓу граѓаните и попишувачите.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, соопшти дека институциите се подготвени за најголемата статистичка операција во земјава, која не е спроведена речиси 20 години и ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.

„После речиси 20 години, премежја, опструкции и одоговлекувања, конечно, сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисиите на пописните региони, заедно со нашите државни инструктори, успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови“,

рече Симовски.

Тој вели дека никој нема да биде доведен во опасност од зараза со ковид и дека ако граѓаните сакаат да ги попишува екипа која е целосно вакцинирана тоа ќе биде овозможено.

„Ако граѓаните инсистираат да бидат попишани од вакцинирани попишувачи, ќе им се овозможи тоа. Ќе се договориме со тоа домаќинство кога да дојдат вакцинирани попишувачи. Немам точна бројка колку попишувачи се вакцинирани, зашто пријавувањето за учество почна во почетокот на август. Во пријавата се наведуваше дали се вакцинирани или не. Од оние кои веќе се ангажирани две третини биле вакцинирани во периодот кога се пријавиле, но не знаеме дали во меѓувреме и другите се вакцинирале“,

рече Симовски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.

„Попишувањето ќе се спроведе безбедно, почитувајќи ги здравствените протоколи, а попишувачите се обврзани доследно да ги применуваат. Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици кои се говорат во РСМ. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика“, рече Маричиќ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.