Заев од пратениците побара поддршка за Северна, за да ја испрателе ФИРОМ во историјата, онаа ФИРОМ која беше одлука на СДСМ и поранешниот претседател Киро Глигоров

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 октомври, 2018 13:27

Заев: Пратениците ќе ја одредат иднината на Македонија и граѓаните

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во Собранието започнa седницата на Комисијата за уставни прашања на која на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, обврска што произлегува од Договорот од Преспа.

На седницата се присутни премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и поголем дел од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, и покрај шпекулациите дека тие нема да присуствуваат на седницата на која ќе се разгледуваат уставните амандмани.

Комисијата доцнеше поради координација на ВМРО – ДПМНЕ со пратеничката група.

ВМРО – ДПМНЕ гласаше против дневниот ред на која има само една точка – предлог за пристапување кон уставни измени. Дневниот ред беше усвоен со 9 гласа “за”. Комисијата може да трае најмногу 10 дена. Пленарната седница е закажана за вo понеделник.

Премиерот Зоран Заев пред пратениците во Комисијата за уставни прашања го образложи предлогот на Владата за уставни измени. Тој ги повика сите да гласаат “за”.

Во духот на транспарентноста за  предлозите за измени на Уставот беа достапни за сите. Општиот увид и реакцииите од јавноста се дека нема ништо спорно. Академската јавност оцени дека се е во согласност со интересите на Македонија и меѓународните стандарди. Јасно се гледа дека измените заслужуваат поддршка од сите пратеници, за членство во ЕУ и НАТО и за подобар живот. Собранието е институцијата која треба да донесе одлука следејќи го интересот на граѓаните. Пратениците да донесат одлука по сопствено убедеување и без притисок од никого. Вашата одлука ќе ја спрати ФИРОМ во историјата. – им порача Заев на пратениците.

Тој ги повтори четирите амандмани кои се однесуваат на додавање на придавката Северна, преамбулата, територијалните гаранции и за грижата за малцинствата во другите држави.

На крајот уште еднаш ги повика сите да се обединат околу националните интереси.

Интеграцијата не може да биде попречена од закана, обид за поткуп или што било. Сите што се за НАТО и ЕУ сега е време да ја потврдиме заедно одлуката според која членството во овие организации се наши стратешки приоритети. Сега сите пратеници, без разлика на која партија и припаѓаат, имаат обврска пред граѓаните да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност и економски просперитет. Од пратениците се очекува одлука во таа насока и како израз на почитување на волјата на гласачите, како и на огромниот број граѓани кои го одобруваат членството на нашата земја во ЕУ и НАТО. Сите сме свесни дека без договор со Грција тоа остануваше само наша надеж и желба. Македонија нема генерации за губење, да покажеме дека сме подготвени да го преземеме лидерството и одговорноста. – порача Заев.  

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести