Обвинетите за немилите настани во Собранието почнаа меѓусебно да се обвинуваат, прстот сепак посочен кон Владимир Атанасовски тогашен директор на УБК, кадар на Мијалков

Објавил: Мирко Бачиќ | 3 декември, 2018 13:42

Во Кривичен “сочни” изјави кој го огранизирал немилиот настан во Собранието

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Симптоматично, но по најавата дека законот за селективна амнестија ќе ги опфати само лицата кои покажале недоследност во службеното работење и имаат командна одговорснот, денес во Кривичен прилично “сочни” изјави.

Додека дел од обвинетите кои се и повеќе од убедени дека ќе бидат опфатени со амнестијата на Канческа Милевска напишана од адвокатот Никола Тодоров, дел од обвинетите кои извршиле насилство и се на границата за помилување од обвинети станаа сведоци.

Така во Кривичен по подолго време паднаа првите обвинувања кој го организирал упадот во Собранието но и планирал слични дејствија пред тоа.

Обвинетиот за 27 април, Стефан Младеновски денеска дава своја одбрана пред судот кој одговарајќи на прашање на Горан Ангеловски – Ќосето дали смета дека луѓето од патриотските здруженија се злоупотребени, посочи дека е сигурен оти биле злоупотребени од Александар Василевски – Нинџа и од Владимир Атанасовски, тогашен директор на УБК.

Младеновски зборувајќи за настаните од 27 април кажа дека биле во ресторанот „Дион“, Нинџа им дал пари да купат маски. Тој зборуваше и за инволвираност на лица од УБК во организацијата. Во 19:33 часот кога излегол од Собранието заедно со неговиот брат кој е исто меѓу обвинетите, се упатил во паркот „Жена Борец“.

Таму ги сретнав Александар Василевски – Нинџа, таму беше и Никола Митревски -Кољо, по кратко време од 10-тина минути сите од „Дион“ беа таму. Тука го видов и Игор Југ кој се жалеше дека му пукнала шок бомба во рацете и се лутеше зошто го оставиле сам. Тука дојде и Дејан Димковски – Боксер, вработен во УБК кој ни кажа да не се секираме бидејќи камери нема зашто тој ги искршил. Истото тоа лице ни кажа дека околу 10 часот претседателот Иванов ќе има обраќање и ќе прогласи воена состојба, дека воена полиција веќе е поставена на патарините кај Гостивар и Тетово и кај Корупчино, но од тоа не се случи ништо. Иванов излезе и повика на мир и наредниот ден ги повика двете партии на лидерска. Дејан Димковски – Боксер кажа дека таа информација ја добил од некое лице Синиша кое работи кај претседателот Иванов – раскажа Младеновски.

Кај споменикот Прометеј, рече тој, имало и лица за кои Нинџа му кажал дека се поранешни припадници на лавовите и дека со нив се нивните команданти од Битола и Прилеп.

Во еден момент се слушна дека групи на Албанци се собираат и се спремаат да дојдат кон Собранието. По тоа Нинџа отиде да се види со Никола Бошковски – Прскач кој како што разбрав е дојден со некое возило кај градска болница. Потоа разбрав дека во тоа возило имало оружје автоматско, полуавтоматаско и оружје. Кога го прашав Нинџа што ќе се случи ако дојдат Албанци кажа дека и тука има луѓе кои знаат да пукаат. Но од тоа ништо не се случи. – зборуваше Младеновски.

Тој во својата одбрана рече и дека Нинџа за време на паузите на минатите рочишта постојано му сугерирал да каже пред судот дека Никола Митревски – Кољо е другар со Атанасовски, екс директор на УБК, дека Кољо наредил да се купат маски и дека Кољо е организатор на 27 април.

Секој што го познава знае дека Никола Митревски – Кољо примаше наредби од Нинџа, тука сакам да нагласам дека можеби и Нинџа примал наредби од Атанасовски. – рече обвинетиот додавајќи дека исто така, Нинџа му кажувал и оти е близок другар со Атанасовски.

Обвинетиот додаде дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање во 2016 година наредил ако Државната изборна комисија ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, насилно да се упадне во просториите на ДИК со молотови коктели.

Нинџа ни кажа доколку ДИК ги одбие приговорите на ДПМНЕ, насоките од Владимир Атанасовски се да се упадне насилно во ДИК и дека ќе има лица кои треба да фрлаат молотови коктели. Во кафулето беа повеќе лица, а меѓу нив и Никола Митревски Кољо. Од кафулето со 6 коли се упативме кон канцелариите на ДИК. Кога стигнавме Нинџа не собра во круг, бевме 20-30 луѓе. Имаше присутни екипи и од други градови. Нинџа не извести дека во одреден момент кога тој ќе даде насока треба да се упадне во канцелариите на ДИК. Тој ден ДИК заседаваше, но расправата за приговорите се откажа за друг ден. Наредниот ден немаше други насоки. – истакна Младеновски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести