Антикорупциска отвара предмети по допрен глас

Објавил: Узунов Бобан | 20 март, 2019 14:06

Антикорупциска се активира предизборно, отвара предмети за Матка и вработувања во АВМУ

Фото/Текст извор: ©магазин

Државната комисија за спречување на корупција отвори два нови предметa по кој ќе постапува по допрен глас – случајот Матка и корупцијата во политиката која се однесува на вработување двајца правници во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за време на изборен процес.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на денешната седница истакна дека за двата отворени предмета ќе бараат информации односно документи од општината Сарај, односно од АВМУ. Во однос на случајот Матка одлучиле да постапуваат бидејќи, како што рече, институциите се прогласиле за ненадлежни. 

Тајниот инвеститор на дивоградбите на кањонот Матка – преку институциите прави обид да ги легализира нелегалните градби. Од општина Сарај и официјално доставиле допис до Државниот градежен инспекторат дека за дивоградбите има поднесено барања за легализација, но и дека има донесено решение за легализација. Без да прецизираат дали е позтивно или негативно. Сосема спротивно на владините заложби за транспаретност и отчетност, градоначалникот Блерим Беџети, и директорот на градежен инспеторат Локман Лимани – не даваат детали од записниците направени пред десетина дена.

Ивановска најави дека можно е да отворат предмет и за случајот со плажите во Струга.

На новинарско прашање до каде со 18 предмети за судир на интереси отворени на 18 јануари годинава, информира дека два предмета се затворени.

Во првиот случај за вработувањето на ќерката на пратеничката Емилија Александрова во Фондот за иновации и технолошки развој добиле инфрормација дека таа воопшто не конкурирала таму. Во вториот случај – за сопругата на поранешниот градоначалник на Берово, Звонко Пекевски, истакна дека добиле информации оти таа била ангажирана со договор на дело како наставник во основно училиште две години, по што по автоматизам и се трансформирал работниот однос во редовен работен однос.

За вработувањето на ќерката на претседателот на Парламентот, Талат Џафери во ЕЛЕМ, Ивановска истакна дека тие добиле информации од компанијата, но ги сметаат за недоволни.

Појасни дека според стручноста, ќерката на Џафери има завршено Правен факултет, магистрирала со 10 и поседува правосуден испит, но дека не се знае по кој критериум била избрана на конкурсот за вработување, и нема информации за останатите кандидати кои се пријавиле на конкурсот.

Запрашана за тоа дали со распишаните тендери во Собранието за време на избори се крши Изборниот законик, таа нагласи дека се што е во рамки на редовно извршување на работите не се смета за прекршување.

Најави дека ДКСК планира да спроведе поопсежна анализа во однос на систематизацијата на вработувањата во јавните компании.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести