сабота, 4 мај 2024

MK/ EN/ DE



На Груевски на годишнината од формирањето на Владата на Заев

Објавил: Узунов Бобан | 6 јуни, 2019 10:44

(видео) Груевски: Времето покажа дека бев во право !

Фото/Текст извор: ©магазин

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук објави видеоснимка од неговиот говор во Собранието на денот кога се гласаше владата на Зоран Заев. Во коментарот Греувски пишува дека две години подоцна она што го рекол, само се докажува.

Времето ќе покаже кој бил во право…,,

Вака реков пред две години, во повеќе наврати во мојот говор во парламентот, за повеќе значајни работи, на денот на гласањето на владата на СДСМ.Денес, две години подоцна можам да кажам дека времето веќе почна да покажува…напиша Груевски на неговиот фејсбук профил. 

ВМРО-ДПМНЕ беше на власт речиси 11 години. Направи многу реформи и крупен чекор напред во секоја сфера. Се решија многу проблеми, се работеше многу и се добија и многу позитивни резултати, за многумина над очекувањата. Македонија немала власт со поголем учинок и напредок од оваа во овој период, истакна на собраниската седница Груевски.

Сепак, во последните неколку години очигледно бевме предмет на операција на надворешни центри со цел промена на власта. И покрај тоа, на последните избори, народот гласајќи ни даде најголема доверба. Но, со понатамошни напори, и покрај јасната победа, и покрај долгогодишниот воспоставен принцип на коалицирање на победник со победник, помеѓу партијата со најголем број освоени гласови во земјата, и партијата со најголем број гласови од албанската заедница во Македонија, со прекршување на овој принцип, кој беше јавно баран токму од оние кои го прекршија, како и со понатамошни чекори спротивни на Деловникот, Законот и Уставот при изборот на претседател на Собранието, и особено спротивни на волјата на мнозинството народ, со примена на аргументот на силата и моќта, се издејствува ново мнозинство, а наскоро и нова влада. Непринципиелно, на сила и недемократски. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ направија сѐ што е во наша моќ до моментот до кој не беше јасно дека одејќи понатаму Македонија и граѓаните во неа ќе имаат многу поголема штета отколку корист. Личните и партиските интереси повторно ги ставивме под државните интереси – посочи Груевски.

Според него, главна причина за надворешната операција била токму нивната политика во однос на името.

Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика во однос на барање на фер решение за проблемот со името, кое не го добивме, и како резултат на тоа се уште не ја добивме заслужената покана за членство во НАТО и преговорите за влез во ЕУ, кои беа и ќе останат стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, покрај оваа стратешка цел, стратешка цел е и фер решение, а не наметнато решение кое ќе нѐ обезличи како народ, како нација и како држава. Од новото мнозинство се очекува поинаков пристап по ова прашање. Времето ќе покаже кој бил во право – додава Груевски.

 
 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.


Ние користиме колачиња за да ја подобриме практичноста на веб-страницата. Со вашата посета се согласувате со ова.