Што се случувало во

Објавил: Узунов Бобан | 24 јули, 2019 16:18

Каква е поврзаноста на станот на екс директорот на МЕПСО Сашо Василевски и неопределувањето на притвор на осомничениот Главчев ?

Фото/Текст извор: ©магазин

За станот од 109 квадрати во скопски Карпош, што го купил екдиректорот на МЕПСО Сашо Василевски за 80 илјади евра од фирмата на осомничениот бизнисмен Томе Главчев, била известена и Управата за финансиско разузнавање, покажа дополнителното истражување на „А1 он“.

Станот кој е лициран на атрактивна локација на улицата Орце Николов, бил продаден на 30 октомври 2018 година, односно 17 дена откако судијата Седат Реџепагиќ не му определи мерка притвор на осомничениот Томе Главчев, како што бараше СЈО, а станот што Василевски го купи од осомничената фирма СЈО не предложило да биде замрзнат. Тоа го отвора прашањето дали има каква било поврзаност меѓу купопродажбата на станот и неопределувањето притвор на сопственикот на фирмата чијшто стан не бил замрзнат.

Според  сознанијата, познат скопски нотар каде што бил заверен купопродажниот договор ја информирал Управата дека сумата за станот не кореспондира со пазарната цена на квадратен метар во тој дел од градот, но од таму не нашле ништо спорно.

Блажо Трендафилов, директорот на Управата за финансиско разузнавање, за „А1 он“ рече дека тоа се доверливи информации и дека не може да ги споделува во јавноста. Првично фирмата на осомничениот Главчев, „Бентон“ го купила станот од бизнисменот Цветан Панделески, за сума од 113 илјади евра, за што бил платен и данок во Град Скопје од 258.831 денари. Но, потоа фирмата „Бентон“ станот му го продала на Василевски за 33 илјади евра помалку. На тоа бил платен данок од 231.396 денари.

СЈО бараше притвор за Главчев бидејќи влијаел врз двајца осомничени во предистражната постапка за случајот „Поштенска банка“. Обвинителството пред судот оваа околност ја аргументирало со записници во кои било наведено дека сведоците дале различен исказ во СЈО при распитот во јануари и во мај 2018 година.

Тогаш самиот Главчев пред судијата на претходна постапка ветил дека нема да бега и дека редовно ќе се јавува на секоја судска покана. „А1 он“ од извори во истрагата дознава дека Главчев бил повикан да даде исказ и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во истрагата за рекет. Oд СЈО и денеска не одговорија на прашањата кои вчера утрото ги постави „А1 он“, поврзани со случајот, односно зошто станот кој бил во сопственост на фирмата чијшто сопственик е осомничениот Томе Главчев, не бил предложен до судот за да биде изречена забрана за отуѓување, а потоа го купил ексдиректорот на МЕПСО.

Василевски за „А1 он“ вчера рече дека станот го купил на оглас и оти не знае дека фирмата била дел од истрагата во слуачјот „Поштенска банка“, а цената била пониска, зашто градбата била стара

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.