ВМРО-ДПМНЕ бара темелна истрага за случајот “Рекет“, особено за вмешаноста на Катица Јанева и други обвинители од СЈО

Објавил: Данаил Михајловски | 26 јули, 2019 13:56

Мицкоски: Нов закон за обвинителство и истрага за обвинителите од СЈО во “Рекет“!

Фото/Текст извор: ©магазин

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ предлага закон според кој обвнителите како Катица Јанева, Фатиме Фетаи и другите од СЈО треба да се вратат во своите матични обвинителства, спротивно од предлогот на СДСМ кој им нуди автоматско законско унапредување во републичкото обвинителство или во обвинителството за организиран криминал. Причината, според Мицкоски, прво е почитување на досегашниот закон за СЈО според кој овој тим имал определен временски мандат, и второ, затоа што постојат индиции дека Катица Јанева и други личности од СЈО се вмешани во сериозен криминал, рекет и злоупотреба на обвинителството. Затоа е потребна темелна истрага за случајот “Рекет“ за да се утврди колку Катица Јанева и другите обвинители од СЈО, биле вмешан во овој скандал, како и двајца високи функционери на СДСМ.

Предлог законот за обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ предвидува секоја година државата да одвојува загарантирани средства од 0,8-1% од државниот буџет кои ќе одат за целото државно обвинителство, што ќе значи финансиска независност на обвинителството. За разлика од ова решение, предлогот на СДСМ и ДУИ е финансиската независност да се однесува само на обвинителството за организиран криминал и висока корупција, што според Мицкоски ги доведува во привилегирана положба едни обвинители, а ги деградира другите обвинителски сектори. 

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ со предлог законот не бара државниот јавен обвинител да се бира по предлог на опозицијата, туку го задржува досегашното законско решение, и сака да му даде шанса на обвинителот Јовески да се покаже во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Тој го повика обвинителот Јовески да ги ангажира сите ресурси во ОЈО и да отвара истраги по допрен глас за секого за кого има индиции, без разлика на национална, политичка или статусна припадност.

Мицкоски спомена дека за ВМРО-ДПМНЕ е проблематично стручниот персонал од сегашното СЈО по автоматизам да влезе во државното обвинителство, затоа што најголем дел од тие личности се вработени во СЈО само врз основа на принципот на непотизам, како роднини на Катица Јанева, или роднини на други обвинители или судии. Во СЈО станало занимање да си роднина на Катица Јанева или на други помошници обвинители, а продолжувањето на таквата пракса би била дискриминирачка кон другите професионални кадри во државата. Посебно беше потенцирано дека во предлогот на опозицијата се бара да се почитува уставниот принцип на субординација, што значи дека сите истраги кои се отворени во законскиот рок на СЈО до 30 јуни 2017 година и за кои се водат постапки пред надлежните судови ќе треба да му се предадат на државниот обвинител Јовески, кој после увидот во истите, ќе ги распредели на соодветните обвинителствата во структурата на ОЈО. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.