Претседателските избори не се тема сама за себе. Ахмети и Заев збореле и за следниот кандидат после 5 години, како и за случаите на функционери на ДУИ што ги води СЈО

Објавил: Данаил Михајловски | 22 јануари, 2019 22:26

Заев и Ахмети блиску до договор, Оливер Спасовски да биде кандидат за претседател

Фото/Текст извор: ©магазин

Според владини извори, денес во вечерните часови, одржана е средба Заев и Ахмети. Главната тема на разговор бил заедничкиот кандидат за претседател на државата, при што Заев инсистирал тоа да биде министерот Оливер Спасовски, како негов човек од доверба. Ахмети не одбил, но кажал дека има некои услови чие исполнување би му помогнало да ги убеди сопартијците во Мала Речица да дадат поддршка за Оливер.

Оливер Спасовски, во споредба со Шеќеринска, е многу попопуларен меѓу партиските членови во СДСМ. Исто така негова предност е што е многу близок до премиерот Заев, кој лично ќе се вложи во неговата кампања, особено во општините каде што живее албанско население, кое и според последните анкети, има симпатии кон Заев како македонски политичар со кого Албанците добиле најголем дел на лични и национални придобивки.

Клучниот услов на Ахмети бил цврст договор дека доколку сега кандидат е Спасовски, тогаш следниот кандидат за претседател на изборите во 2024 година да биде Албанец. Според нашите извори Заев не го одбил ова барање, но кажал дека не може да одлучи сам и мора да се консултира со раководството на СДСМ. Вториот услов на Ахмети бил доколку Спасовски биде избран за претседател на државата, тогаш тој како врховен командант, заедно со Одбрана и АРМ, да постави Албанец за Началник на генералштабот на армијата. Заев за ваквото барање кажал дека ќе биде исполнето.

Последното барање на Ахмети било поврзано со Народната банка на Република Македонија. Доколку Заев инсистира Спасовски да биде поддржан од ДУИ за претседател на државата, тогаш Ахмети бара Заев да гарантира дека Спасовски како избран претседател на државата ќе предложи до Собранието нов гувернер на Народната банка на РМ. Како име за таа функција бил споменат Фатми Бесими, поранешен вице-премиер за евро-интеграции во владата и дел од интелектуалното крило на ДУИ. На забелешката од Заев дека Собранието сега скоро ја избрало Д-р Анита Бежоска за гувернерка во оваа институција, Ахмети објаснил дека законот му овозможува на секого да си поднесе оставка, но исто така дека Собранието има можност да го разреши гувернерот кој го избрало. И за оваа тема Заев не дал конкретен одговор, туку дека ќе направи некои консултации пред конкретно да одговори. Како и да е, кандидатурата на Оливер Спасовски за претседател на државта во моментов има најголеми шанси во СДСМ, во споредба со Шеќеринска, Стево Пендаровски или Никола Димитров.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.