Во борбата против одгледувањето

Објавил: Калина Мартинска | 13 април, 2024 21:09

Албанија со дронови ќе ги бара нелегалните одгледувачи на марихуана

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Бала, најави дека од следната недела беспилотните летала „Бајрактар“ ќе се користат за контрола на албанска територија и откривање на одгледување марихуана.

Како што истакна Бала, ангажманот на беспилотни летала „Бајрактар“ ќе го надополни воздушниот мониторинг на авионите на италијанската финансиска полиција (Guardia di Finanza).

Албанскиот министер за внатрешни работи најави дека 2024 година треба да биде година кога „на феноменот на одгледување и трговија со канабис ќе му биде зададен истребувачки удар“.

„Сакам да потврдам дека покрај воздушниот надзор преку протоколот за соработка што го имаме со Финансиската гарда оваа година, од следната недела ќе почнеме да користиме и беспилотни летала „Бајрактар“, кои ќе вршат систематски надзор на целата територија на Албанија во борбата против одгледувањето и трговијата со канабис рече Бала.

Тој додаде дека со беспилотни летала ќе се следат сите други форми на криминал, вклучително и еколошката, дивоградбата, како и во рамки на мерките поврзани со туристичката сезона.

Според министерот за внатрешни работи на Албанија, минатата година биле запленети четири тони канабис и уништени се 293.000 стебла од наркотичната билка.

Три турски беспилотни летала „Бајрактар“ беа испорачани во Албанија на почетокот на март годинава.

Уништени беа 289.000 стебла марихуана, уапсени 101 лице во голема акција во Албанија

Лани, во септември, албанскиот министер за внатрешни работи Таулант Бала ја поздрави големата операцијата на припадниците на државната полиција, во чии рамки во изминатите неколку месеци, уништени се илјадници стебла канабис и откриени одгледувачите на ова наркотично растение.

Министерот Бала на социјалните мрежи објави дека досега се идентификувани 202 сторители на национално ниво, од кои 111 се уапсени и изразува уверување дека ваквите операции ќе се интензивираат.

До сега се уништени 289.357 наркотични растенија канабис сатива, идентификувани се 202 сторители, од кои 111 се уапсени, по 63 се трага, на 29 им се изречени други безбедносни мерки. За злоупотреба на службената должност и непријавување кривично дело поднесени се кривични пријави против 114 лица. Честитки за Државната полиција, пишува Бала.

Исто така информираше дека припадниците на полицијата штотуку завршиле исклучително тешка операција од земја и од воздух во некои планински области на Скадар, за уништување на илјадници корени канабис и за идентификација на лицата вклучени во оваа криминална активност.

Според него во оваа акција учествувале 50 припадници на специјалната единица „Ренеа“, 500 полицајци од Регионалниот полициски комесаријат Скадар, како и единицата за брзо распоредување од Тирана и Фиер, при што уништени се околу 13.000 стебла канабис одгледувани во тешко достапни планински предели.

Над 200 уапсени во Албанија за продажба на дрога

Во голема акција во Албанија во јануари годинава беа уапсени повеќе од 200 луѓе осомничени дека учествувале во производство и продажба на дрога.

Како што е соопштено, беа вршени претреси и контроли на возила, станови и други простори во Корча и Малич.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.