Анализа на Магазин за претседателските и локалните избори и поуките кои треба да ги извлече ВМРО-ДПМНЕ

Објавил: Узунов Бобан | 13 мај, 2019 10:35

АНАЛИЗА: Колку од 380.000-те гласови на ВМРО се на Сиљановска а колку на Мицковски ?

Фото/Текст извор: ©магазин

На последните претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ претставена од претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска-Давкова освои 380.000 гласови иако без победа триyмфалистички прослави Дилемата која ја постави јавноста, е дали ВМРО победи или загуби на изборите, и дали овие 380.000 гласови се резултат  на Христијан Мицкоски или пак Гордана Сиљановска-Давкова како непартиски кандидат успеа да ја пробие партиската база од околу 320.000 гласови ? 

Магазин претходно пишуваше за феноменот кој се случи на локалните и претседателските избори, кога ВМРО-ДПМНЕ и победи и загуби во Охрид. Така, во Охрид Гордана Сиљановска освои 15 127 гласови наспроти 14 108 гласови на Стево Пендаровски односно Сиљановска и ВМРО го победија Стево и СДСМ за повеќе од 1000 гласови, имајќи предвид дека  Пендаровски имаше поддршка и од албанските гласови на ДУИ, како и од помалите етнички заедници во Охрид како што се Турците и Еѓипјаните кои и не се во мал број, што е успех за поздравување. Но во секоја успешна приказна има едно АМА. 

Ама за разлика од претседателските, на локалните избори ВМРО доживеаја тежок пораз со разлика од 3500 гласови. Кандидатот на СДСМ Константин Георгиески освои 16 123 гласови наспроти кандидатот на ВМРО Митре Милошевски кој освои 12 668 гласови. 

Овие резултати во Охрид можеби и не ја претставуваат сликата во цела Македонија, но може да се донесат неколку заклучоци кои испраќаат порака до раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е дека неопределените гласови на контото на  ВМРО-ДПМНЕ беа привлечени од Гордана Сиљановска, а ВМРО барем во Охрид не успеало да изгради автентична програма и стратегија за победа. 

Овдека бројките кажуваат дека околу 3000 неопределни гласачи во Охрид се одлучиле за претседател да ја поддржат Сиљановска, а за градоначалник Ѓеоргиески. Феномен кој беше и на првиот круг. 

Ова кажува дека непартискиот кандидат на ВМРО за претседател Сиљановска поминал подобро кај граѓаните во Охрид, а партискиот кандидат на СДСМ со партиска програма за градоначаник на Охрид ги добил симпатиите на мнозинството Охриѓани. 

Тука вредно е да се спомене дека Гордана Сиљановска како личност успеа да привлече и поддржувачи и активисти на Шарената револуција како Каролина Ристова-Астеруд, Јорданка Ивановска-Јоци, професори со левичарски убедувања како Билјана Ванковска и Димитар Апасиев, па дури и партијата Левица што не би било замисливо таква поддршка за партијата ВМРО како политички субјект. 

Резултатите со претседателските и локалните избори во Охрид треба да бидат case study за опозицијата, и што треба да се направи на макро ниво за да го потврдат или подобрат резултатот од освоените 380.000 гласови на ВМРО-ДПМНЕ.


Прво, ВМРО мора да има стратегија и програма за да ги привлече неопределните гласачи кои дебело ја казнија партијата на парламентарните избори во 2016 и локалните 2017 година. Ако Охрид ни е репрезентативен примерок, во тоа не успеале. Второ, партијата мора да изгради ПР стратегија за да ја отфрли лажната парадигма дека ВМРО е антиалбанска партија и трето создавање на клима за вклучување на интелектуалци и познати личности во општествениот живот во своите редови или со други зборови да се смени имиџот на партијата за во јавноста да не биде анатема ако си активист или поддржувач на ВМРО.  Сите овие идеи бараат многу активности, реорганизација и што е најважно партиска понуда со конкретни проекти и рокови. Засега на полната уста за црнилата на СДСМ, нема понуда која околу која ќе гравитираат неопределните гласачи. 


Анализата за тоа колку од 380.000-те гласови беа испорачани од партиската база, а колку од неопределните гласачи привлечени од Гордана Сиљановска-Давкова која ги собра симпатиите кај Македонците со нејзините ставови за Преспанскиот договор најмногу е потребна за Христијан Мицковски, во најмала рака за да знае со колку гласови располага на претстојните парламентарни избори. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.