Ахмети открива дека и Албанците имале јасни барања, кои имиња за нив не се прифатливи за "новата држава", но и дека без ЕУ и НАТО, Македонците нема да опстојат уште долго

Објавил: Мирко Бачиќ | 12 септември, 2018 10:30

Ахмети се закани: Македонците можат да постојат само во ЕУ и НАТО

Фото/Текст извор: ©гугл.ком/магазин.мк

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети за референдумот за промена на името агитира и по тиранските медиуми.

Сакаме ли мир, сакаме ли добрососедски односи? Дали сакаме стабилност? Референдумот на 30 септември е печат кој му дава вредност на мирот, стабилноста и ќе се затвори едно поглавје која трае веќе 25 години. Ова е референдум за НАТО, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Опинион“ на тиранската телевизија Клан.

Тој вели дека Албанците се во својата земја, во нивната држава и тоа има посебно значење за нивната иднина.

Без сомнение дека Албанците ќе гласаат „за“ зачленување во НАТО и ЕУ, ќе гласаат за исполнување на нивните стремежи за посигурна и подобра иднина, вели Ахмети.

Според него, ДУИ им даде до знаење и на македонската страна, но и на грчката, кои имиња на државата се прифатливи за Албанците.

Имам остварено многу средби со грчки и меѓународни претставници и им дадовме до знаење и ним, но и на македонската страна кои имиња не се прифатливи, односно се прифатливи за Албанците. Важно е дека Албанците секогаш биле за решавање на спорот, истакна Ахмети.

Лидерот на ДУИ исто така вели дека големите договори секогаш се прават со компромиси, со помош на нашите меѓународни пријатели.

Додека живееме во една држава, ние треба да внимаваме за историјата и идентитетот на другиот. Јас не сум за реваншизам. Ние треба да упатиме порака дека не сакаме да владееме, или да бидеме арбитри на други проблеми. Сега е време за зачленување во НАТО и почеток на преговорите во ЕУ, истакна Ахмети.

Идентитетот на нашите сограѓани Македонци и самата Македонија, додаде Ахмети, тешко дека ќе опстојат надвор од НАТО и ЕУ.

Ахмети е убеден дека сите Албанци ќе гласаат „за“ на референдумот, а ова, вели тој, нема негативно да влијае кај националистичкиот дел од македонската страна.

И Македонците се уморни од блокирањето на интеграцијата на земјата, така што атмосферата генерално е позитивна, истакна Ахмети.

Според лидерот на ДУИ, проблемите ги прават некои неодговорни политичари, а не обичните граѓани.

Ахмети, одговарајќи директно на прашањето на новинарот Бленди Февзиу, зошто Албанците ги интересира името на Македонија, вели дека на 30 септември со гласање на референдум ќе се решава иднината на земјата.

Лидерот на ДУИ се осврна и на законот за јазиците, вели дека албанскиот е официјален во Македонија и тоа ќе се конкретизира по референдумот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.