Гласањето започна денеска

Објавил: Калина Мартинска | 20 април, 2024 11:20

Близу 1000 набљудувачи, странски новинари и преведувачи акредитирани за следење на Претседателските избори

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.

Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.

Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 32 странски новинари, меѓу кои и од агенциите Ројтерс и Франс прес, како и бројни медими од соседните земји.

Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.

Гласањето почна денеска

Гласањето за претседателските избори почнува со членовите на 31 избирачки одбор кои треба да го спроведат гласањето во странство. Тие денеска пред заминување во странство ќе гласаат во просториите на Државната изборна комисија (ДИК). Станува збор за 191 лице.

Гласање на дијаспората

Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии во вторник, на 23 април, на ден пред седмите претседателски избори во земјата, од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.

Другите наши граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.

Покрај дијаспората, на 23 април, вторник, ден пред гласањето за претседателските избори, ќе гласаат и болните и изнемоштени лица и затворениците.

Гласање за парламентарните избори на 8 мај нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

ДИК продолжува со организацијата на двојните избори. Се дистрибуира недоверливиот материјал, додека утре ќе започне дистрибуцијата на доверливиот материјал.

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.