Декларација

Објавил: Калина Мартинска | 8 април, 2024 18:00

Ватикан рече „не“ за промената на полот

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Канцеларијата за доктрина на верата во Ватикан денеска ја објави декларацијата „Дигнитас инфинита“ во која ги отфрла промената на полот, сурогат родителството и родовата теорија.

Во декларацијата се наведува дека „секоја интервенција за промена на полот, по правило, ризикува да го загрози уникатното достоинство што едно лице го добило од моментот на зачнувањето“, пренесува Ројтерс.

За теоријата на полот, според која полот е покомплициран и понестабилен од традиционалната поделба на две категории мажи и жени, Ватикан оцени дека „желбата за лично самоопределување, според теоријата на полот, покрај основната вистина дека човечкиот живот е дар, претставува потклекнување на древното искушение да се прави себеси како Бог, влегувајќи во конкуренција со единствениот вистински Бог на љубовта што ни е откриен во Евангелието“.

Се признава дека некои луѓе се решаваат за операција за „генитални абнормалности“, но се нагласува дека „таквата медицинска процедура не би претставувала промена на полот во рамките на предвиденото значење“. Дополнително, во декларацијата се нагласува дека сурогат родителството го нарушува достоинството на сурогат мајката и детето, но и потсетува, дека папата Франциско во јануари повика на глобална забрана.

Папата Франциско ја потврдил оваа декларација, по неговото барање таа да ги вклучува и „сиромаштија, состојбата со мигрантите, насилството врз жените, трговијата со луѓе, војната и други теми“, вели шефот на канцеларијата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез.

Во декларацијата, фактот што „на некои места значителен број луѓе се затвораат, се мачени, па дури и лишени од животот само поради нивната сексуална ориентација“ се оценува како спротивно на човечкото достоинство.

Осудени се и абортусот, евтаназијата и смртната казна. Исто така, нагласено било дека сексуалната злоупотреба, како закана за човечкото достоинство, доста „раширена во општеството“, како и во Католичката црква.

Минатиот декември, папата Франциско презеде еден од најконкретните чекори во неговите напори да ја направи Римокатоличката црква подостапна за луѓето со хомосексуална ориентација. Имено, тој им дозволил на свештениците да благословуваат парови во истополови врски.

Објаснувањето беше дека оваа одлука не ја менува „традиционалната доктрина на црквата за бракот“, бидејќи не дозволува никаков литургиски обред, бидејќи може да се помеша со светата тајна на бракот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести