На која фирма ќе го додели Македонско село Владата предводена од Премиерот Зоран Заев и Кочо Анѓушев задолжен за економските прашања во Владата на Република Македонија

Објавил: Перо Милчин | 30 октомври, 2018 22:46

Владата бара решение за Македонско село

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изнаоѓање Решение за стопанисување и управување со Комплексот Македонско село во Нерези-Скопје

Македонско село е комплекс од хотелскo сместувањe и ресторани, изграден во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во традиционалниот дух на македонската архитектура од 19тиот и 20тиот век. На површина од 12.000 м2, комплексот е составен од шеснаесет автентични куќи со вкупен сместувачки капацитет од 100 гости.

Познатиот туристички Комплекс Македонско село, проект на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се наоѓа во Нерези-Скопје, и го сочинуваат 12 тематски куќи. Секоја од нив претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора. Инвестицијата вредна 6,5 милиони евра се наоѓа наспроти манастирот Св. Пантелејмон во Нерези, а нејзин концесионер е некогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ. Комплексот престана  со работа со одлука донесена од менаџментот која беше соопштена преку социјалните мрежи. 

На денешната, 98  седница на Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изнаоѓање Решение за стопанисување и управување со Комплексот Македонско село во Нерези-Скопје, и донесе одлука за формирање работна група за разгледување на сите аспекти на новонастанатата фактичка состојба, која ќе треба, врз основа на анализата на сите законски решенија, да предложи постапката со која ќе се обезбеди продолжување на стопанисувањето и управувањето со комплексот Македонско село.

Се поставува прашањето за вака примамлив туристички Комплекс, каква ќе биде одлуката, ако ги имаме во предвид аферите кои беа присутни во јавноста.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.