Дураку констатираше "нема пари", Макрадули ги советуваше невладините да "проповедаат" дека поефтиното огревно средство е поштетно повикувајќи ги граѓаните на еко свест

Објавил: Мартин Попоски | 11 декември, 2018 5:40

Власта ќе чека странски пари за аерозагадувањето, граѓаните ќе почекаат

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Министеро Дураку проговори, првата реченица му беше нема пари за борба со аерозагадувањето, ќе чекаме меѓународна помош.

По рушењето светски “рекорди” со аерозагадувањето на Битола, Тетово и Скопје, се огласи и ресорниот министер.

За ефикасна борба против аерозагадувањето потребни се многу пари. А нашиот буџет не е доволен, отворено признава министерот за животна средина Садула Дураку, во еден од своите ретки говори на оваа тема.

На седница, владините претставници побараа странска помош и донации за намалување на загадувањето.

За имплементација на дефинираните мерки во различните области потребни се големи финансиски средства. Дел од нив веќе се обезбедени преку буџетот, но истите не се доволни за целосна имплементација на мерките. Затоа го организирам овој координативен состанок со цел да ги обезбедиме потребните средства, неопходни за успешна реализација на предвидените цели. – порача Дураку.

На новинарските прашања, сепак застана да одговара, неговиот заменик Јани Макрадули. Вели планот е амбициозно сценарио, но убедува дека е реален и остварлив.

Повтори дека реформите ќе започнат од домаќинствата кои тврдат се најголеми загадувачи и ветија финансиска помош за семејствата за старите печки да ги заменат со нови, еколошки. Освен тоа, најави и дека со закон ќе се забрани јагленот како извор за затоплување.

Се сложувам дека граѓаните не сакаат да загадуваат. Социјално-економската ситуација е таква каква што е и затоа постојано замолувам на помош од граѓанските организации. Има примери низ Европа дека токму граѓанските организации тропнуваат на вратата на семејствата и им кажуваат дека доколку се греете на јаглен тоа е најмногу штетно за вашето дете. Можеби граѓаните изгубиле доверба во институциите, затоа ги замолувам граѓанските организации оние што се дел од еколошката сфера да се придружат во оваа заедничка акција. – порача Макрадули.

Скопје, Тетово, Битола се во топ 10 најзагадени градови во Европа. Владиниот план е до 2020-та година Скопје да дише двојно почист воздух, останатите градови пак, барем за 30 отсто.

За реализација на сите мерки предвидени се еден и пол милион евра, а токму тоа го критикуваа и сите еколошки здруженија кои потенцираа дека со малку пари невозможни се квалитетни реформи и реални промени во пракса. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.