Почина Кофи Анан, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации и добитник на Нобеловата награда за мир, објави фондацијата што го носи неговото име.

Објавил: Македонка Димкин | 19 август, 2018 21:11

Во Швајцарија во раните утрински часови почина Кофи Анан

Фото/Текст извор: ©Магазин

Анан почина во болница во швајцарски Берн, денес во раните утрински часови, соопштија двајца негови блиски соработници.

Анан е роден во Гана во 1938 година, а од 1997 до 2006 година беше генерален секретар на Обединетите нации. Ја доби заедно со ОН Нобеловата награда за мир во 2001 година поради нивниот придонес на поорганизиран и помирен свет. Беше оженет и татко на три деца.

Анан одработи два мандати на челото на ОН од 1997 до 2006, а се пензионираше во село во близина на Женева.

Фондацијата Кофи Анан од Женева објави „со голема тага“ дека тој почина мирно по кратко боледување. Покрај него биле неговата сопруга Нане и децата Ама, Коџо и Нина.

„На многу начини Кофи Анан беше ОН. Се искачи од дното на врвот на организацијата воведувајќи ја во новиот милениум со достоинство и решителност без конкуренција“, изјави генералниот секретар на ОН Антионио Гутереш, кого Анан го постави на чело на агенцијата на ОН за бегалци.

Кога во април го прослави 80-от роденден, предупреди дека во денешниот свет нема доволно силни лидери способни да ги решаваат глобалните проблеми. „Имавме тешкотии во минатото, но во некои случаи ги решивме токму благодарение на силните лидери. Јас сум ноторен оптимист, роден сум како оптимист и секогаш ќе бидам оптимист. Кога ќе ја изгубиме надежта, изгубено е сѐ и затоа ве молам таа надеж да ја одржите во живот“, порача Анан.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести