Српскиот претседател со реакции на форматот на средбите во Берлин

Објавил: Узунов Бобан | 29 април, 2019 11:10

Вучиќ: Да го прашаат Заев дали да се менуваат границите меѓу Србија и Косово ?!

Фото/Текст извор: ©магазин

На српскиот претседател Александар Вучиќ не му се допаѓа форматот и изборот на учесници на денешниот итен состанок во Берлин на лидерите од Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, на кој главна тема ќе бидат односите меѓу Србија и Косово, а на кој ќе присуствува и македонскиот премиер Зоран Заев.

Вучиќ прашува зошто не се повикани премиерите на Унгарија и Бугарија Виктор Орбан и Бојко Борисов, кога веќе се повикани Андреј Пленковиќ од Хрватска и Марјан Шарец од Словенија.

„Немам ништо против Шарец, напротив, ама зошто Шарец, а не Данчила. Зошто Пленковиќ, а не Орбан, зошто не Борисов? Не е повикан ниту Милорад Додик, кој доби најголем број гласови во БиХ на последните избори, туку Денис Звиздиќ“, кажа Вучиќ синоќа во гостување на телевизијата „Пинк“. 

Прво да ги прашаат Словенците, па Заев, па Хрватите, па Ѓукановиќ, па Звиздиќ, па сите да ни објаснат нам како не треба да се менуваат границите, ’да живее независно Косово во овие граници‘, јас велам ’нема проблем, не сакаат ни Србите да ги менуваат границите‘, само не разбравме кои се тие граници“, вели Вучиќ.

Тој зборуваше и за идејата за размена територии меѓу Србија и Косово, како еден од предлозите за решавање на спорот.

Заев и другите лидери на земјите од Западен Балкан попладнево во Берлин ќе имаат итен состанок со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Присуството на Заев во Берлин го потврдија од македонската влада и најавија дека тој ќе има средби со Меркел и Макрон.

Покрај Заев и Вучиќ, на состанокот во Берлин ќе присуствуваат Еди Рама од Албанија, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ и Црна Гора и Денис Звиздиќ од БиХ. На состанокот се поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ, а како гостинка ќе присуствува и Високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.