Поранешниот претседател на ВМРО - ДПМНЕ и поранешен премиер, Георгиевски, сам тврди дека Договорот си е штетен, затоа што е и за внатрешна употреба, ама ете, ќе го гласал

Објавил: Мирко Бачиќ | 23 септември, 2018 14:48

Георгиевски: Сакав да го решам проблемот со името, ама од СДСМ не ми дозволија

Фото/Текст извор: ©слободнаевропа.мк

Љубчо Георгиевски, поранешниот премиер на Македонија, откри нова пикантерија во најновото интервју за Радио Слободна Европа.

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО – ДПМНЕ вели дека своевремено сакал да го реши пробемот со името со Грција и потегнал иницијатива, но наишол на жесток отпор од тогаш опозициската СДСМ.

Сакам да потсетам дека јас сум политичар кој прв го отвори ова прашање, храбро на начин како што денеска го решава господинот Заев. Ќе потсетам дека уште во 2000 година, кога бев премиер, имаше обид со господинот Симитис токму тоа име Северна и Горна Македонија да го решиме проблемот. За среќа тоа беше само за меѓународна употреба, не требаше да биде за внатрешна употреба и не можам да не спомнам дека главни противници беа тогашното раководство на СДСМ и новинарите кои беа околу тогашното раководство на СДСМ.

Поранешниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ не може да се помири со тоа што претходната власт имала прилика да постигне подобар договор, но не реагирала бидејќи, како што вели, да си задржи пет проценти повисок рејтинг кај своите гласачи.

Додаде дека најтежок сегмент за прифаќање од Спогодбата од Преспа, иако го поддржува договорот, е промената на името за внатрешна употреба.

Ако беше само за меѓународна употреба, тоа навистина ќе беше идеален компромис. Мене ми е жал што многу политичари во Македонија, вклучувајќи ме и мене, наидувајќи на мал отпор од опозицијата и на одредени медиумски кругови, ретерираат кога правеа обиди, кога сакаа да го решат проблемот. А некои па и не сакаа, да речеме претходната власт 11 години немаше намера ништо да реши. Ако добро ги сфаќам овие пораки коишто доаѓаат од опозиционерите на овој договор, велат да беше само за меѓународна употреба ќе го прифателе и тие, па 11 години правеа проблеми и од тоа кога беше само за меѓународна употреба. Тука се поставува прашањето што е патриотизмот?

Јас деновиве слушам еден поранешен премиер и еден поранешен министер за надворешни работи кои велат дека тие одбиле подобар договор отколку сега овој што е потпишан од Заев и од Димитров. Сега јас го поставувам прашањето, тоа ли е патриотизмот – да сте имале подобар договор за Македонија, а заради својот личен комодитет или заради пет проценти плус рејтинг да не прифатите подобар договор за Македонија. Јас сметам дека тоа е негативна референца за некој политичар.

Ова за внатрешна употреба повеќе ја доживувам како една иритација од аспект што еве сега можеби Грците не начекаат во тесно или сфатија дека владата мора да потпише и малку бараа преку леб погача и сметам дека во тој дел не можам да кажам дека Договорот е идеален, меѓутоа повторно сакам да потенцирам дека не значи задирање во идентитетските прашања, затоа што идентитетските прашања, како што ни е објаснето и од она што можеме да го видиме во Договорот, и кај јазикот и кај националното изјаснување е зачувано. А сметам дека тоа беше една од најдолгите дискусии кога се отвораше тоа прашање. – вели Георгиевски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.