Дали Османи сака да ги наруши односите Македонија-Србија?

Објавил: Калина Мартинска | 16 април, 2024 18:11

Големи реакции по најавите дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Дел од српските политичари реагираа на информацијата дека Македонија е еден од коспонзорите на резолуција во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница.

Се чини најдалеку отиде Александар Вулин, кој е поранешен шеф на српската Безбедносно-информативна агенција и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, кој порача дека „Македонија навистина треба, покрај името и историјата, да го промени и јазикот, како што бараат Бугарите“.

Лидерот на Движењето на српските социјалисти истакна дека „Македонија можела барем да се воздржи, ако веќе не може да ја поддржи Србија“.

– Кога ги нарекуваа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Со нив делевме лекови за време на ковид-пандемијата, им ги дадовме нашите резерви од жито, брашно и шеќер, а СПЦ на Македонската црква и овозможи независност и име. Македонија им се заблагодари на Србите за сето тоа со признавањето на Косово и сега со ентузијазам учестува во резолуцијата која треба да ги прогласи Србите за геноциден народ, изјавил Вулин, пренесуваат српските медиуми.

„Северномакедонците“ знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку неможат да ја поддржат Србија. Македонија навистина треба да го смени јазикот заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите. Навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам, додал Вулин реагирајќи на изјавата на министерот Османи.

Се огласи и шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кој го оцени како „дрскост“ ставот на Османи и го праша дали сака да поднесе Резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.

„Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа не повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани“, рекол Дачиќ.

Изјавата на Османи што ги налути српските политичари

Шефот на македонската дипломатија вчера соопшти дека нашата земја е коспонзор, заедно со Германија, САД и други земји, на Резолуција во ОН за прогласување на 11-ти јули како Меѓународен ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница, БиХ во 1995 година и одбележување на истиот секоја година.

Мислам дека е особено важно Србија да гласа за оваа резолуција со цел да се признаат и промовираат фактите, бидејќи сите одлуки на меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница се случил геноцид. Сè додека тој се негира и не се признава, веројатно е можноста да се повтори, посочи Османи.

Вучиќ: Утврдено е дека Србија не е одговорна за наводниот геноцид во Сребреница

Пред Меѓународниот суд на правдата беше утврдено дека Србија на ниту еден начин не е одговорна за наводниот геноцид во Сребреница, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ при посетата на саемот во Мостар.

Одговарајќи на новинар од Сараево кој изјави дека Србија е прогласена за виновна пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг затоа што не спречила геноцид, тој рече дека таа не треба да измислува и дека секако е направено страшно злосторство, но дека Србија не е одговорен за геноцид.

Тој изјави дека кога Србија ќе поднесе предлози за резолуции за, на пример, Јасеновац или Крагуевац, Краљево, Јајинци и многу други места за егзекуција, нема да каже кој го извршил тоа.

„Во Сребреница секако беше извршено страшно злосторство. И не беше проблем некој да дојде и да покаже побожност и жалење и се останато. И сите беа одговорни за тоа. Само ве молам, не измислувајте и не шпекулирајте за пресуди кои не се такви какви што ги изнесувате“, рекол Вучиќ.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека во Сараево за време на опсадата биле убиени повеќе Срби отколку во Сребреница.

Османи класично ја злоупотреби техничката функција, реагира Партијата на Македонците од Србија

Изјавите на министерот Бујар Османи за одлуките за коспонзорство на резолуцијата за Сребреница во ООН и за предлогот до Владата Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан, за Партијата на Македонците во Србија претставува класична злоупотреба на функцијата во техничката влада која освен подготовка на изборите нема мандат за вакви одлуки.

„Османи нема мандат и право да настапува во име на државата Македонија, тоа може да биде само негов личен или став на ДУИ бидејки е во тек на изборна кампања, со јасни лични, а не државни интереси. Се работи за класична злоупотреба на функцијата за што мора да сноси одговорност бидејки не спроведува државна политика во интерес на македонскиот мнозински народ.

Македонците во Србија се дел од конститутивните народи на Србија и секоја изјава, одлука која ѝ штети на Србија, нѐ засега и нас, Македонците во Србија. Поради тоа ги повикуваме надлежните институции во нашата матицата Македонија, сите македонски државотворни, парламентарни и непарламентарни партии, да се оградат од вакви штетни шовинистичко – националистички ставови и изјави кои не смеат да поминат како официјални државни одлуки, бидејќи за нив и нема државна одлука, а уште помалку изразуваат народен интерес и став на македонскиот народ, чии составен дел секогаш се и Македонците во дијаспората“, се вели во реакцијата на Партијата на Македонците во Србија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.