Протерувањето на Егејците, грчката граѓанска војна и Балканските војни ќе претрпат ревизија

Објавил: admin@magazin | 25 март, 2019 21:57

Грција бара бришење на текстовите за поделбата на Македонија во Балканските војни

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Во учебниците треба да се избегнува третирање на другата страна, едната према другата во двете насоки, изјави Виктор Габер, копретседавачот со македонскиот дел од заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Македонија и на Грција на дводневната втора по ред средба на што се одржа во Скопје минатиот викенд, пишува Република.мк.

Протерувањето на Егејците, грчката граѓанска војна, Балканските војни. Ова се само дел од историските настани кои најверојатно ќе претрпат ревизија. Македонските експерти не откриваат детали, но велат дека со грчките колеги се договориле дека треба да се избегнува прикажување на другата страна во негативно светло.

Она што претставува анимозитет, она што претставува непријатност за да се слушне и да се образуваат новите генерации. Така што ако имате еден настан за едната страна, да не биде веќе така третиран, изјави Габер.

Како што посочи Габер, таа динамика треба да придонесе за да може многу поконкретно во наредниот период да прејдат на изучување на конкретни формулации во учебниците и тие да бидат адаптирани, како што рече, на новото време кое што го донесе Преспанскиот договор, а врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.

„Атмосферата беше колегијална, конструктивна. Се работи за два концепта што треба да се усогласат, и тоа е неспорно бидејќи станува збор за два образовни система коишто со години се граделе и кои си имаат своја историја, а треба да имаат заедничка иднина“, рече Габер.

На средбата во Скопје разгледани биле учебниците по историја и географија за основно и средно образование. Станува збор за огромен материјал, затоа, вели Габер, на два пати беа одложени состаноците на барање на грчката страна.

На наредната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет закажана за 12 и 13 април во Атина ќе се работи на конкретни прашања.

„Многу периоди нè поврзуваат со грчката страна. Ние сме соседи, сме биле можеби 400-500 години во една државна структура каде имало мешање од секаков вид – економски, културно, социјално. Словенската маса кога дола овде се населила на територија на некогашното Источно римско царство, според тоа ние сме живееле со тие луѓе. Дали народите се поместувале лево или десно заради историски те околности тоа е сосема друга работа, но ние сме живееле сите заедно во разни културни и социјални средини“, вели амбасадорот Габер на новинарско прашање.

Новинарите не успеаја да дознаат повеќе детали бидејќи службите на МНР спречија да се постават дополнителни прашања.

Додека Македонија конкретно не открива ниту што се бара од неа ниту што побарала од Грција, историчарите на јужниот сосед многу конкретни и прецизни – приоритет за нив е отстранување на картите на етничка Македонија, но и на текстовите во кои се говори за поделбата на земјава во Балканските војни.

„Комисиите се формирани од извонредни експерти, кои целосно ја разбираат работата што треба да ја направат, темелно ја познаваат историјата на двата народа, ги почитуваат меѓународното право и европското законодавство и се во позиција да донесат правда и да ја прикажат историската вистина, отстранувајќи ги пропагандните потточки, илустрациите и мапите што ги модифицираа учебниците во последните децении“, изјави тогаш заменик министерот за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис.

Од работата на Заедничкиот интердисциплинарен комитет треба да произлезат препораки за идно одобрување од страна на Советот за соработка на високо ниво. Целта е постигнување на роковите одредени со Спогодбата од Преспа веќе од следната учебна година да се отстранат од наставните програми и од учебниците спорните точки и карти и илустрации.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.