Од државната агенција за Бугарите во странство уапсени директорот Петар Харалампиев и генералниот секретар Красимир Томов за примање мито за издавање бугарски пасоши

Објавил: Мирко Бачиќ | 31 октомври, 2018 7:56

Дваесетмина уапсени за нелегално издавање пасоши во Бугарија

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Бугарската полиција уапси повеќе од 20 лица откако изврши претрес во просториите на Државната агенција за Бугарите во странство.

Меѓу уапсените се директорот на агенцијата Петар Харалампиев и генералниот секретар Красимир Томов.

Обвинителството ги сомничи за фалсификување документи, злоупотреба на службена положба и корупција во процесите за издавање на бугарски пасоши.

Се работи за организирана група која ги злоупотребила своите должности, фалсификување документи и поткупи. Во овој момент се работи за повеќе од 20 лица. Она што можам сега да го потврдам е дека се задржани дел од раководството на Државната агенција за Бугарите во странство, заклучно со претседателот. – изјави Иван Гешев, заменик главен обвинител.

Од обвинителството потврдија дека целата истрага е во насока токму кон издавањето бугарски пасоши на лица родени надвор од Бугарија. Додадоа дека станува збор за обемна истрага за која повеќе детали ќе соопштат во текот на денот.

Всушност истрагата е во насока на токму тој вид документи и како што кажа и г-дин Гешев се однесува и на земање поткуп. –  вели заменикот претседател на Антикорупциската комисија Антон Славчев.

Според податоците од бугарските власти до сега се издадени 153.000 пасоши а 38.000 се во процедура.

Најголем интерес имало во Македонија, од каде само минатата година биле поднесени дури 10.000 барања за потврди за потекло а потоа следат Србија, Молдавија, Албанија и Русија.

Според неофицијални информации на бугарските медиуми, раководството на агенцијата наплаќало по 5.000 евра за една потврда за потекло а обвинителството утврдило дека тие издавале по 40 такви секоја недела. Во Македонија пак се спомнуваат многу помали цени, неофицијално, целата процедура за добивање бугарски пасош чини меѓу 350 и 500 евра.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.