Следниот Парламент во една изборна единица

Објавил: Узунов Бобан | 17 септември, 2019 8:39

Дванаесет пратеници бараат да се избира следниот Парламент во една изборна единица

Фото/Текст извор: ©магазин

Дванаесет пратеници од 10 партии и еден независен пратеник се потписници на иницијативата за дефинирање на пропорционален изборен модел со една изборна единица, а не шест како што е сега.

Потписници на иницијативата се: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.

„Како пратеници од иницијативата бараме да бидеме вклучени во процесот на измена на Изборниот законик, на кој сме обврзани како држава по забелешките на ОБСЕ/ОДИХИР од последните парламентарни избори. За таа цел, побаравме и состанок со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес“, пишува во иницијативата.

Потписниците сметаат дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на волјата на оние граѓани кои очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел.

Напуштањето на изборниот модел со шест изборни единици и воведување на моделот Македонија да биде една изборна единица со отворени листи е едно од решенијата за излез од политичката криза и разбивањето на бипартизот во македонскиот и во албанскиот гласачки блок и воведување на плурализмот.

Во Македонија досега за избори имало три модели, мнозинскиот кој беше до 1998, во 1998 беше комбиниран – мнозиски и пропорционален, а од 2002 досега е пропорционален систем.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести