Денеска е Прочка. Простете за да ви биде простено!

Објавил: Владо Марин | 5 март, 2022 19:39

Утре е ПРОЧКА: Кое е значењето на обичајот амкање јајце?

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Прочка или Велики поклади — ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.

Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христосза безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Скопски деца сликани во детска облека за Прочка во 1928 година

Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.

Прочка во Македонија

Скопје

Во минатото во Скопје често на денот на празникот Прочка се практикувало фотографирање во ателје. Скопските обичаи од кои дел имале христијанска основа, а дел од нив биле поврзани со паганските верувања, најчесто биле исти како и сите останати од Македонија.

По фотографирањето, пресоблечените возрасни и деца оделе на плоштадот во градот и на главните улици Крал Петар (денешна Македонија) и улицата Војвода Путник (кејот на реката Вардар) каде што изгледало како на пазар на разнобојни костими и тоалети[1]. Празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна. По Втората светска војна празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата според сопствената иницијатива и убедување, а од 60-тите години до денес почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштадот и на Скопското Кале.[2]

Велес

Во Велес традиционално на Прочка се маскираат децата (во минатото и возрасните) и пеат во групи. Се нарекуваат прочкари и ја пеат песната „Оптири лајлам, тра ла лала лајлам“. Тие влегуваат во домовите на велешани за да го најават скорешното доаѓање на пролетта. Маскирани се во дедо, баба, зет, невеста или доктор. Штом ќе ја отпеат песната, ја боцкаат бабата, а таа паѓа и лекарот ја кажува дијагнозата според која бабата е болна од шеќерна болест и за неа лекот е баклава, а наградата за лекарот се парите. Тие се награда од домаќините за посетата на прочкарите. Така е до пладне кога започнува времето за ручек на кои бабата и дедото веќе ги поканиле ќерката и зетот. Од приквечер граѓаните се раздвижуваат низ улиците во градот и почнуваат визитарските посети во домовите на родителите, постарите членови на семејствата и кумовите.

Помладите со лимон и портокал во раце, од постарите бараaт прошка велејќи: „Простете ми ако нешто сум згрешил-а“ на што постарите ќе одговарат: „Простено ви е и од нас и од Господа“

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.