Заев практично се согласил да се прекрши позицијата на ОН со прифаќање на двојната придавка „македонски“ и „граѓани на Република Северна Македонија“

Објавил: admin@magazin | 21 јуни, 2018 11:43

Ексклузивни до сега не објавени документи од преговорите со Грција

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Емисијата „60 минути“ со Горан Момировски која се емитува на Телевизија Алфа ексклузивно објави документи во која се гледа дека македонската Влада ги прифатила сите барања на Атина, а сега „одбраната“ на идентитетот сака да го претстави како голема историска победа.

Документ од август 2001. година од Советот за безбедност на Обединетите нации покажува дека организацијата бара да се почитува етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани на Република Македонија.

-Со ова, ОН де факто го признаваат идентитетот на македонските граѓани, меѓу нив и на Македонците, и затоа е чудно што сега Владата тврди дека токму таа се изборила за македонскиот идентитет, вели Момировски во „60 минути“.

Истото се споменува и во документ од 14. јуни годинава, односно, во писмена комуникација меѓу овластени луѓе на светската организација и грчкиот преговарачки тим.

-Во документите јасно се гледа дека СБ дава потврда за македонскиот идентитет и јасно е дека се манипулира со огромна историска победа и заштита на нашиот идентитет, кој никој не можел да ни го одземе, ако македонската страна била малку разумна. Оваа апсурдна ситуација во која Македонија изгубила добиена позиција најдобро се гледа во преговарачки материјали од 2008. година каде што јасно е наведено дека името на нацијата е „македонска“, а јазикот „македонски“, објавува Алфа.

Ова е особено важно да се објасни зашто јазикот и придавката, како националноста, не се предмет на преговори затоа што според забелешката на ОН воопшто не треба да бидат дел од формален договор.

-Во забелешката се наведува дека употребата на овие предмети во ОН треба да бидат презентирани административно до СБ од Генералниот секретар, кој што пак, препорачува да се користи „македонски“ за јазикот, придавката и националноста. Уште оттогаш нема простор за Грција да се противи на употребата на „македонски“ за т.н. идентитетски прашања на неексклузивна основа, нешто што сега премиерот ни го покажува како голема победа, објавува Алфа.

Заев практично се согласил да се прекрши позицијата на ОН со прифаќање на двојната придавка „македонски“ и „граѓани на Република Северна Македонија“.

Од документите се гледа дека Македонија ги прифатила сите барања на Грција, а не опстанала на ниту една од своите позиции градени уште од 1991. година. Во овој контекст, принципот „ерга омнес“ е еден од најголемите апсурди во целиот пакет.

Македонија во случајот не прифатила само класична дефиниција на „ерга омнес“ која се користи само во контекст само во меѓународна употреба на одреден принцип, туку се согласила на проширена употреба која што досега не е забележана во историјата на меѓународното право.

-Ако се земат Северна и Јужна Кореја кои се споменуваат како примери во одбарана на Договорот, ќе се види дека официјалните имиња на земјите внатре не се исти со тие под кои што се запишани во ОН. Па така, Северна Кореја за „дома“ е Демократска Република Кореја, а Јужна Кореја е само Република Кореја, согласно домашните правила и устави, се вели во емисијата „60 минути“.

Македонија е единствената земја на светот која што прифатила странска држава да и го менува Уставот и со тоа целосниот идентитет на нацијата, граѓаните и културата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.