Гледаме важен напредок!!!

Објавил: admin@magazin | 4 април, 2019 16:32

Жбогар: Се надевам дека во јуни ќе ги почнете преговорите за членство со ЕУ

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Се надевам дека на состанокот на Советот на ЕУ во јуни, земјите-членки ќе одлучат да отворат преговори со Северна Македонија. Остваривте голем напредок, кога ќе погледнете наназад ќе видите голема разлика – од земја која гледаше непријатели околу себе, сега е пријател со сите нив.

Ова денеска го изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, кој денеска одржа предавање на Факултетот за безбедност-Скопје, во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот.

„Специјалното јавно обвинителство покажа големи достигнувања, и за нас како ЕУ и за сите земји-членки е важно на СЈО да му се дозволи да ја врши својата работа, и да покаже уште поголеми достигнувања за судските предмети“, оцени Жбогар.

„Од земја која беше во политички превирања, сега има функционална демократија, функционален Парламент со опозиција која се ангажира за реформските процеси, реформите во праводуството, така што гледаме важен напредок. Секако уште многу нешта можат да бидат направени до јуни, и со надеж чекаме да ги видиме вашите достигнувања и да видиме што ќе се случи дотогаш“, истакна Жбогар.

Коментирајќи дали законот за Специјалното јавно обвинителство е еден од критериумите за отворање преговори во јуни, Жбогар посочи дека министрите на ЕУ минатиот јуни кога го отворија патот за почеток на преговори, поставија услови и за реформи и конкретни резултати во правосудниот систем.

Изрази очекување дека сите политички партии во Парламентот ќе најдат начин да му дозволат на Специјалното јавно обвинителство да ја продолжи работата.

На предавањето пред студентите на Факултетот за безбедност, Жбогар се осврна на историјатот на ЕУ, во кој Унијата започна како мировен проект по разорнувачките конфликти, со цел да ги зближи народите и земјите да не војуваат повторно меѓусебе.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.