Ништо од толку многу најавуваната реконструкција на владата, која требаше да значи освежување на тимот на Заев

Објавил: Данаил Михајловски | 25 декември, 2018 16:47

Заев го разреши првиот министер!

Фото/Текст извор: ©магазин

Го знаете ли министерот на фотографијата? Не!? Драги читатели, до денес, искрено, не го знаевме ни ние. Значи, ова е министерот Аксел Ахмедовски, кој ќе влезе во историјата на владата на Заев како министер кој бил прв разрешен. Ни крив, ни должен, ниту пак познат.

Денес премиерот Заев, до Собранието на Македонија испратил предлог за разрешување на член на владата. Предлогот е да се разреши министерот без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија. Што направил досега министерот Аксел, не знаеме. Што згрешил, исто така не знаеме.

Но, јавноста повеќе очекуваше да биде разрешен министерот Тевдовски, затоа што државата ја потона во задолжувања. Или да биде разрешен вицепремиерот Анѓушев, кој успеа да го дигне растот на своите фирми, но во исто време тоне македонската економија. Или Заев да се охрабреше да го предложи за разрешување Никола Димитров, министерот за надворешни, кој буквално според Викиликс, строгите државни информации повеќе ги споделувал со надворешни дипломати, отколку со внатрешни институции. Или можеби ќе беше пооправдано Заев да предложи разрешување на Бујар Османи, министерот за кого СЈО поведе озбилна истрага со сомнежи за криминал, а кого и самиот Заев пред 2-3 години го обвини за криминал при набавките што ги правел како министер за здравство. Но, ако не можеш по магарето, урди по самарот. Па така и Заев. Ако нема капацитет да го доведе во ред работењето на министрите како Анѓушев, Бујар Османи, Никола Димитров или Тевдовски, тогаш ќе го тренира својот слаб премиерски авторитет на непознати ликови како министерот Аксел Ахмедовски. Сочувство и среќна Нова Година!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести