Премиерот Заев ги погази сите владини и партиски прес конференции на СДСМ, потврдувајќи дека селективната правда е селективна амнестија за пратенички глас за уставни измени

Објавил: Мартин Попоски | 18 ноември, 2018 6:25

Заев понуди селективна амнестија, за Мукоски, Василевски и Арнаудов

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Премиерот Зоран Заев, во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат телевизија, зборуваше за процесот на помирување започнат во Собранието, при што започна да го користи терминот помилување.

Тој рече дека можно е да има амнестија за немилите настани во Собранието, не за лицата коишто директно го извршиле насилството.

Сите што не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите внатре, јас немам проблем преку нив да го направиме помирувањето и помилувањето. Тоа може да биде закон за амнестија, донесување на одлука на Парламентот во рамки на своите надлежности. Знам дека не сум подготвен да разговарам ништо за учесниците во насилството, затоа што не сакам да оставам можност да се повтори нешто. – рече Заев.

Во однос на тоа дека со отворање на вратите од Собранието, обвинетите пратеници овозможиле да се случи насилството, Заев рече дека тоа треба да се докаже низ судскиот процес и дека и тие имаат право да ги кажат своите аргументи.

Запрашан за тоа дали има некаков политички пазар за гласање за уставните измени во замена за амнестија, Заев рече дека е нормално да разговара со луѓето.

Како да ги постигнеме ние нашите цели? Јас транспарентно секој пат зборувам. Само го потврдувам тоа што јавноста го знае, го очекува и слично. Сум разговарал со луѓе, и продолжувам да разговарам. Моја должност е да го обезбедам политичкиот процес и јас тука ја носам одговорноста. – рече Заев.

На забелешката дека ова може да се толкува дека Заев дели милост на луѓето што политички ќе се испазарат со него, тој рече дека само го отвора процесот на помирување, а одлуките ќе ги носи Собранието.

Јас знам дека тие луѓе очекуваат помирување. Јас знам, лично, дека не е мое да коментирам во делот на судот, тие луѓе не се терористи, тоа го знам! И во делот на обвинувањето – тоа е право на Обвинителството и на судот и слично. И јас знам дека должност на државата да влеземе и да направиме се да се помириме внатре ако сакаме Македонија да биде нормаална земја и да оди напред. – рече Заев зборувајќи за тројцата пратеници од ВМРО – ДПМНЕ обвинети за тероризам.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.