Може да верувам дека имаме двотретинско мнозинство, а може да верувам и да немаме, деновите се бројат, да не си играме играчки, порача Заев за уставните измени

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 октомври, 2018 9:22

Заев: Уставните измени ќе поминат на “прва топка”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претседателот на Владата и претседател на СДСМ со ново предвидување, за кое не понуди и оставка, уставните измени ке поминат од “прва”.

Сега е моментот да се каже дали сме за ЕУ и НАТО. Разговарав со пратениците. Секој пратеник е еднакво важен. Оптимист сум. Назад враќање нема. Ова го изјави денес премиерот Зоран Заев, кој учествуваше на Форумот за граѓанско општество “Вклучување на граѓанското општество во Берлинскиот процес”.

Деновите се бројат. Не треба да си играме играчки. Вистинската опција е Парламентот. Не треба да губиме време. Верувам дека јавноста е изморена од избори. -изјави Заев.

Тој додаде дека Ципрас му посакал среќа во Парламентот.

Може да верувам дека имаме двотретинско мнозинство, а може да верувам и да немаме, но тоа мора да се види преку дебата во комисиите, на пленарната седница во Собранието и на крај на гласањето. Разговаравме со сите, но најмногу со пратениците и видовме дека постои прогресивна маса за да почне процесот на уставни измени и затоа владата вчера достави предлог до Собранието. Очекувам, преку дебатата во Собранието, по природен пат, да се оформи двотретинското мнозинство. – рече Заев.

Според него, тоа што се случува сега е диференцирање на два правци и во владејачката гарнитура и во опозициската структура – прогресивни и регресивни.

Сериозноста на сфаќањето дека без договор со Грција нема интеграција во ЕУ и НАТО е конечно потврдена и нема дилеми. Ние треба да се исправиме пред одговорноста на времето што го живееме. Одговорноста за земјата и за граѓаните е најважната работа пред која сме исправени, а потоа се нашите секундарни работи – каков рејтинг имаме, дали ќе нe изберат повторно на избори. Од тој аспект јас многу верувам во нашиот Парламент дека ќе надвладее прогресивниот елемент, дури и по вака сериозно чувствително прашање. – рече Заев.

Заец изјави дека е релаксиран и е оптимист во пресрет на дебатата во Собранието за уставните измени дека тие ќе поминат на “прва топка”.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести