За премиерот Заев тие што ќе бојкотираат исто како да не постојат, иако не одговори што за него е успешен референдум, оној со цензус, по Устав и Закон или оној со 35 отсто излезеност

Објавил: Мартин Попоски | 26 септември, 2018 8:48

За Заев тие што не гласаат исто како да не постојат

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

За успешноста одлучуваат тие што гласаат, а тие што не гласаат не се ни бројат, порача премиерот Заев четири дена пред одржување на референдумот.

Според него, резултатите од референдумот ќе дадат и насоки за политичарите, во однос на прашањето за предвремени избори, ако референдумот е неуспешен.

Ако има мнозинство со “против” макар и еден глас повеќе, тоа значи јас и Парламентот, сите го поништуваме договорот. Ако има видливо огромно мнозинство со “за”, тоа значи дека сите, без разлика дали се власт или опозиција, треба да ја следат насоката што ја дале граѓаните.

Верувам дека гласот на граѓаните и одлуката на граѓаните е правецот по кој ќе се движат политичките партии. Штом граѓаните одлучуваат, ние, политичарите, ќе добиеме патоказ и само треба да го следиме тој патоказ. –  рече Заев и додаде дека референдумот како идеја потекнува токму од опозициската ВМРО – ДПМНЕ со која се согласуваат дека граѓаните го имаат последниот збор.

Заев се осврна и на економската политика, оправдувајќи ги изјавите дека неуспешен референдум  значи девалвација на денарот.

Стабилен е денарот, финансиската моќност на банките и на Народната банка се добри, а е силен перформансот и на економијата, финансискиот капацитет на државата е зајакнат, стабилен е и буџетот, економијата расте, растат и странските инвестиции. Можеме само да го зајакнуваме денарот. –  рече Заев.

Заев додаде дека прашање е дали по успешниот референдум сето ова ќе биде уште поимпозантно и подобро и дали ќе има раст што граѓаните практично ќе го почувствуваат.

Премиерот не одговори дали за него успешен референдум е оној со исполнет цензус, по Устав и Закон или ќе брои “за” и “против” гласови од оној народ што ќе успее да го убеди да излезе и гласа?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.