Мешовитата македонско бугарска комисија за ревизија на историјата на Македонија согласно Договорот со Бугарија, веќе ги "продала" Македонските историски настани и личности

Објавил: Мирко Бачиќ | 8 октомври, 2018 7:30

Историјата ни се брише, Кирил и Методиј ќе се делат, Самоил е Бугарин

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Самоиловата држава прва “падна” за ревизија во учебниците по историја во Македонија и Бугарија.

Според информациите од советници, за ова дискутирале членовите на мешовитата македонско бугарска комисија, каде на Бугарите им пречи што државата на Самоил е претставена како мaкедонска, а на нашите историчари, пак, бугаризацијата на самоиловото царство.

Предложиле да бидат додадени извори и аргументи за да нема различно толкување. Сител дознава дека од македонска страна е побарано Македонија да биде отстранета од поимот бугарски земји во учебниците во делот за праисторија кај источниот сосед.

Професорот Драган Ѓорѓиев кој е член на македонската група, од своја страна, пак вели дека има и простор и потреба за подобрување на наставните содржини во учебниците.

Прецизно користење на перцепција за другиот, на пример како македонскиот народ е употребен во бугарските учебници а како бугарите кај нас. Забелешки околу глорифицирање, националистички содржини. Значи има конкретни забелешки и од двете страни и има голем простор за подобрување за да имаме педагогија за градење на мир и избегнување на конфликти. – вели проф. Драган Ѓорѓиев

Праисторија, антика и среден век биле темите за дискусија на мешовитата комисија, а за Илинденците ќе расправаат на некоја следна средба. Разгледувале и неколку историски имиња кои би требало да ги слават како заеднички празници.

Заедничка прослава за Кирил и Методиј како и заеднички да го славиле Самоил, но не секоја година туку кога ќе има некои позначајни настани. – вели Ѓорѓиев.

Наредните два месеци членовите на комисијата и од двете земји треба писмено да ги подготват сите забелешки што ги имаат за што од македонската страна велат дека ќе консултираат и стручни лица.

Кон крајот на ноември повторно ќе заседаваат во Софија каде ќе ги соочат пишаните аргументи. Во комисијата од македонија има 7 претставници од кои само еден е антрополог а останатите се историчари.

Заедничко чествување на празници, изгледа и не е проблем за македонската влада, судејќи по изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров кој вели дека нема ништо спорно во тоа Илинденското Востание да биде заеднички празник.

Првиот човек на Бугарската Комисија, Ангел Димитров пред неколку месеци истакна дека македонските учебници се неверојатно погрешни од нивна гледна точка. Нашите експерти пак за ваквите ставови изнесени од бугарските колеги велат дека секоја земја си има свои историски наративи, па токму тоа и била и целта на оваа комисија – да разговараат и да најдат решение за оние спорни точки кои ги имаат Македонија и Бугарија.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, се потпиша на први август годинава, и во членот 8 од договорот се бара заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.