По поранешниот вицепремиер Пешевски и поранешните министри на Груевски, Ристовски и Кралев со поддршка за уставните измени и помирувањето, Мицкоски сеуште без коментар

Објавил: Мирко Бачиќ | 30 ноември, 2018 12:42

И Ристовски и Кралев пребегаа кај Заев и ги поддржаа уставните измени

Фото/Текст извор: ©dw.com

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ одби да учествува во работата на ова тело, што во овој исклучително сензитивен политички момент наидува на критики и во редовите на самата партија.

По информацијата од партиски извори, дека и втора група пратеници од ВМРО – ДПМНЕ се подготвени да дадат поддршка на тековните процеси во парламентот, се множат одобрувањата и охрабрувањата до пратениците во таа насока.

Спиро Ристовски, поранешен функционер во владите на ВМРО – ДПМНЕ (министер за образование и наука од 2013 до 2014 и министер за труд и социјална политика од 2011 до 2013 година), за Дојче Веле изјави дека ги охрабрува пратениците активно да се вклучат во процесите кои се одвиваат во Собранието.

Очигледно е дека се наоѓаме во чувствителен момент и не ме изненадува тоа што и втора група на пратеници е подготвена да се вклучи во процесите на национално помирување и заштита на националниот идентитет. Никој подобро од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ нема да го направи тоа. Во таа насока ги охрабрувам и нив, и сите оние кои размислуваат на овој начин, активно да се вклучат во процесите кои се одвиваат во Собранието на Република Македонија. – порачува Ристовски.

Ристовски не е осамен во ваквите пораки.

Како што ни изјави, ваквиот став го поддржува и поранешниот министер за образование и наука (од 2011 до 2013 година) Панче Кралев, но и голем број други партиски функционери на ВМРО  ДПМНЕ. Единствена разлика е што едните своите ставови ги кажуваат јавно, другите засега анонимно.

Вторите, како причина за барањето да не бидат именувани, го наведуваат „тешкиот и чувствителен период во партијата“, кога дури и најдобронамерните изјави неоправдано се толкуваат и читаат како „напад врз партијата“.

Сакаме да успее процесот на помирување, но сметаме дека тоа не треба да биде заложба само на 8 или 80 пратеници, туку на сите. И не само во парламентот, туку во сите општествени сфери. Засега, најголем хендикеп е што нема дијалог меѓу премиерот Заев и нашиот партиски претседател. Преку нивниот дијалог најбрзо би била испоратена порака за помирување. И двајцата мора да се надминат себеси, без стравувања дека некому ќе му се намали политичкиот ‘маневарски простор’, бидејќи низ дијалог ќе ѝ отворат простор и перспектива на Македонија, – вели Ристовски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести