Во Македонија оваа обврска е задолжителна од 2015 година

Објавил: Данаил Михајловски | 23 септември, 2018 16:15

Казна од 35 евра за дете без седиште во автомобил

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во патнички автомобил на задното седиште смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин

35 евра и 15 негативни поени е казната ако родителите не ги возат децата во детско седиште во автомобил.Во Македонија оваа обврска е задолжителна од 2015 годинаи за речиси 3 години се изречени само 39 глоби за овој прекршок. Родителите во земјава бавно ја прифаќаат практиката да ги врзуваат децата додека ги возат.

Во развиените земји таа обврска доследно се почитува но во земјава и покрај тоа што делото е казниво често децата се возат во рацете на своите родители, назад на седиштата во автомобилите. Во исто време црната статистика на смртност на децата во сообраќајни незгоди е поразителна

Ја намалува опасноста од смртност

Многу родители се убедени дека нивното новороденче никој не може подобро да го заштити од нив самите, а посебно не “корпата” во која ќе биде стегнато со некакви појаси. Според сите тестови, во случај на незгода, објави “Фактор” речиси е невозможно да се задржи детето во прегратка. Испитите покажале дека во таков случај дури и да успее родителот кој го држи детето да го задржи кај себе, често рефлексно го стегаат па се прави дополнителен проблем.

А македонската сообраќајна статистика не е светла. Според податоците децата се често дел од сообраќајните незгоди. Бројките од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажуваат оти во 2015 година, од 148 загинати лица во сообраќајни незгоди, 22 биле деца до 18 години, а 9 од нив биле деца на возраст до 4 години.

Според статистиката вкупно 4 глоби се напишани за првите шест месеци од 2018 поради непочитување на Законските правила за поставување детско седиште во автомобил.

Најмногу казни надлежните им напишале на родителите кои не ги почитувале правилата за превезување на деца во патнички автомобил во 2017 година кога се изречени вкупно 19 глоби, а тој број во 2016 изнесува 14.

Најмалку прекршоци се забележани кога Законот стапи на сила во 2015 кога се изречени два прекршоци од овој вид. Инаку употребата на детски седишта ја намалува смртноста кај децата за 50 отсто, а кај бебињата и до 70 проценти.

Што предвидува Законот за превозот на деца во патнички автомобил

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ги регулира правилата за превоз на деца на задното и предното седиште, предвидувајќи и посебни глоби доколку тие правила не се почитуваат.

Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.

Во патнички автомобил на предното седиште, смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.