Јанева планира да остане Специјален Јавен обвинител до крајот на животот, па предлага по 2020 година, СЈО да е дел од Јавното обвинителство како самостојна институција за корупција

Објавил: Мартин Попоски | 16 септември, 2018 11:12

Катица сака да биде Специјален обвинител до крајот на животот

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во излагањето на Јанева на кое го претстави шестмесечниот извештај за работата на СЈО, побара да стане постојана независна институција при Јавното обвинителство на Македонија.

Пресудите донесени во текот на шестиот извештаен период против три лица во два различни предмети, како и пресудите донесени од страна на Апелацискиот суд Скопје со кои се потврдени првостепените пресуди против вкупно пет лица ја потврдија оправданоста на поднесените обвиненија во смисла на кривичните дела кои им се ставаа на товар на обвинетите, се наведува во последниот шестмесечен извештај на Специјалното јавно обвинителство.

Во извештајот на СЈО за работењето од 15 март до 15 септември 2018 година се наведува дека во овој период конечно почнаа судските рочишта по сите обвиненија поднесени од страна на ова јавно обвинителство и одобрени од страна на судот.

Во извештајот пишува дека СЈО очекува во претстојниот период од надлежните институции да се преземат потребните мерки и законски услови ова обвинителство да се инкорпорира во Јавното обвинителство на Република Македонија како самостојна институција, која ќе има автономност во постапувањето по делата од негова надлежност и гонење на кривични дела на корупција од висок профил.

“СЈО е на ставот дека во периодот доистекување на законскиот мандат на ова јавно обвинителство треба единствено да се направат соодветни подготовки за прилагодување на законските норми со кои би се овозможила интеграција на СЈО во Јавното обвинителство на Република Македонија. Од овие причини сметаме дека по 2020 година со имплементација на соодветни законски решенија кои би се донеле е потребно на ова јавно обвинителство како самостојна институција во јавнообвинителскиот систем на Република Македонија да му се овозможи автономност во постапувањето, и тоа не само по делата од сегашната негова надлежност, туку да добие надлежност и за гонење на кривични дела на корупција од висок профил.” – стои во извештајот.

Од СЈО посочуваат дека во идниот период судот поинтензивно ќе ги закажува рочиштата по одобрените обвиненија со што ќе се овозможи во соодветни судски постапки да ги докаже кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите со поднесените обвиненија.

“Чувствуваме обврска да го потенцираме ова ценејќи дека судот мора да ја има во предвид сериозноста на кривичните дела кои се предмет на обвиненијата поднесени од страна на ова јавно обвинителство со цел обезбедување непречено водење на судските постапки, како и избегнување на нивното непотребно одлагање. Во оваа прилика повторно ја истакнуваме обврската за воздржување од постапување кое е насочено кон успорување на правдата.” – стои во извештајот.

Во извештајот е наведено дека заклучно со поднесувањето на овој извештај предмет на анализа била содржината на 545.900 аудио фајлови, односно во обработка се 90 отсто од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова јавно обвинителство.

“Во извештајниот период јавните обвинители учествуваа во вкупно 177 постапувањa пред судовите во Република Македонија, од кои 172 рочиштa за главна расправа пред Основниот суд Скопје 1 Скопје и пет јавни седници пред Апелацискиот суд Скопје. Во извештајниот период по предметите оформени по поднесување на обвиненијата од вкупно закажани 177 рочишта по сите предмети, одложени се вкупно 54 рочишта, што претставува речиси една третина од вкупниот број на закажани рочишта.” – стои во извештајот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.