Нема крај на хировите на судијката Добрила Кацарска, откако адвокатите побарале услови за работа, таа ги казнила со по 1.000 евра парична казна и ги избркала од судницата

Објавил: Мартин Попоски | 16 октомври, 2018 13:44

Кацарска ги казни и избрка сите адвокати од “27 април”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Судијката Добрила Кацарска ги казни со по 1.000 евра сите 50-тината адвокати кои ги застапуваат 33-цата обвинети терористичко загрозување уставниот поредок и безбедноста за време на организираниот напад во Собранието.

На денешното судење, таа пиша казна во име на Основниот суд Скопје 1 во износ од околу 50 илјади евра и ги отстрани практично сите бранители надвор од судницата.

Тие демонстративно излегоа пред судот и во групна изјава ја обвинија Кацарска за кршење на правата на обвинетите, како и на нивните права како адвокати, заканувајќи се дека ќе преземат мерки за оваа нејзина постапка.

На нивно место, Кацарска одредила да бидат ангажирани адвокати по службена должност.

Казната важи само за денеска.

Според објаснувањето на Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на еден од обвинетите, Кацарска ги казнила во моментот кога тие се побуниле дека немаат услови за работа во старата зграда на Кривичниот суд, откако беа преместени од големата сала во новата зграда на судот поради технички причини, т.е. поради неможноста да се мутира добро гласот на загрозениот сведок.

Според Давидовиќ, Кацарска ги казнила поради попречување на текот на судскиот процес, што според нив не било попречување, туку поплаки дека не може да работат стоечки и не може да фаќаат белешки на колена.

Засега не е позната верзијата на Кацарска, а се уште за 50-тината казни од по илјада евра за сите адвокати не се изјаснил официјално Основниот суд Скопје 1.

Во моментов е пауза, за да се најдат адвокати по службена должност за обвинетите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.