Адвокатите на осомничените во случаите на СЈО намерно се "минираат" со две до три рочишта во исто време и големи парични казни само да се откажат од странката

Објавил: Мирко Бачиќ | 31 август, 2018 9:19

Кацарска казнува за случаите на СЈО, адвокатите откажуваат полномошна

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Гордана Јанкуловска ќе остане без адвокатот Боро Тасевски, откако тој ја напушти судницата по заканата на судијката Добрила Кацарска дека ќе ги казни со високи казни, него и адвокатката Сања Алексиќ, кои не се појавија на почетокот на судењето за „Тенк“ затоа што половина час пред ова, почна судењето за „Шамарите во Центар“ каде што се ангажирани како бранители.

Судењето за „Шамарите“ беше закажано за во 9.30 часот, а за „Тенк“ во 10 во новата и старата зграда на скопска единица. Адвокатите Сања Алексиќ и Боро Тасевски кои ја бранат Јанкуловска не се појавија на почетокот на судењето на „Tенк“ бидејќи во „Шамарите“ се сослушуваше сведок.

Тие се појавија со 20 минути задоцнување, откако судијката Добрила Кацарска се закани дека ако не се појават за 5 минути, ќе ги казни со високи парични казни, а на обвинетата Јанкуловска ќе и одреди адвокат по службена должност.

-Или да се јави еден адвокат, или ќе ги казнам и двајцата со висока парична казна и ќе ви назначам бранител по службена должност, ѝ рече Кацарска на Јанкулоска, барајќи од неа да им се јави и да ги повика.

Но, адвокатот Боро Тасевски набрзо ја напушти судницата, објаснувајќи дека најверојато ќе и го откаже полномошното на Јанкулоска, бидејќи е ангажиран во повеќе предмети на СЈО, за кои рочиштата се преклопуваат.

На рочиштето за „Тенк“ исказ треба да дадат шест сведоци, вработени во МВР кои ја спроведувале јавната набавка.

Проблемот со адвокатите е актуелен деновиве, откако судијата Огнен Ставрев ги казни со по 1.000 евра адвокатите Димитар Дангов и Боро Тасевски, затоа што не се појавиле на судење кај него, а во исто време биле на други судења во истиот суд, коментира Сведок.

На реакцијата на Тасевски вчера дека е казнет, Кацарска, кај која беше на судење, му порача „дека неа не ја интересира што се случило во друга судница и да оди да реагира таму каде што го казниле, а не тука да ѝ го оптоварува записникот со непотребни работи“.

Ваквото изживување на судиите врз адвокатите зазема загрижувачки размери, смета порталот, бидејќи во овие случи има објективни пречки кои ги наметнува самиот суд со закажување на 55 рочишта како во „27 април“, 18 рочишта во „Тенк“ и другите предмети, а во предметите се ангажирани речиси истите адвокати, без да водат сметка дека тие термини се поклопуваат со другите судења од предметите на СЈО.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести