Косовскиот директор на полицијата, донесе Одлука со која им се забранува на полициските припадници да одат на верски служби и седат во кафани додека се на службена должност

Објавил: Мартин Попоски | 20 септември, 2018 7:21

Косовската полиција не смее да оди во џамии, цркви но и кафани додека е на служба

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претставници на Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово се сретнаа денеска со директорот на косовската полиција Рашит Ќаљај, со цел да му изразат поддршка за одлуката да им забрани на полициските припадници да одат на верски служби и да седат во кафеани во текот на нивното работно време.

Директорот на косовската полиција во интервју за телевизијата Т7 деновиве рече дека на полициските службеници нема да им биде дозволено во текот на работното време да ги посетуваат верските објекти, што предизвика бројни реакции во косовската јавност и поделеност во поддршката и осудата на ваквата одлука на косовскиот прв полицаец.

Невладината организација која се грижи за заштита на човековите права и слободи во Косово, во соопштението по денешната средба со шефот на полицијата, вели дека му го честитале на Ќаљај неодманешното именување на одговорната позиција и изрази надеж дека плодната соработка меѓу Советот и полицијата ќе продолжи и во иднина.

По повеќегодишниот мониторинг, Советот за заштита на човековите права и слободи на Косово ја вреднува високо работата на полицијата на Косово, која ја смета за доверлива и коректна институција. 

Советот изразува поддршка за одлуката полициските службеници во текот на нивното работно време, униформирани да не ги посетуваат верските храмови, туку тоа можат да го прават во времето додека не се на служба. Исто така, забраната за престој на полициските службеници во кафеани е праведна одлука и влијае на тоа полицајците да бидат на терен и на нивните работни места, за што и се повикани. – се вели во соопштението.

На средбата, според соопштението на невладината организација, станало збор и за други проблеми кои го оптоваруваат косовското општество, а за кои се очекуваат натамошни заложби од безбедносните служби.

Посебно биле нагласени проблемите со просјаците, што Советот го смета за организиран криминал, потоа употребата на наркотични средства во училиштата и локалите низ земјата, како и уличното насилство, за што невладината побара поголемо полициско присуство ноќе низ населените места.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.