Одлуката ја донесе Владата вчера по предлог на Комисијата за заразни болести откако изминатите десетина дена беше забележан раст на бројот на заболени со ковид-19.

Објавил: Рејхан Бајрами | 10 март, 2021 10:12

Од денеска до 22 март во сила е полициски час од 22 до 5 часот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Од денеска (10 март) во 22 часот на цела територија на државата се враќа полицискиот час. Тој ќе трае до 5 часот наутро, а според владината одлука ваквата рестрикција во движењето ќе биде во сила до 22 март.

Одлуката ја донесе Владата вчера по предлог на Комисијата за заразни болести откако изминатите десетина дена беше забележан раст на бројот на заболени со ковид-19.

Одлуката за забрана за движење не важи за патниците коишто доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.

За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за три часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин.

Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштаат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.

Со заклучок на оваа седница на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.

За дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19, во соработка со надлежните органи на државната управа.

Со оваа одлука на Владата се опфатени и сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од африканскиот континент кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе се упатуваат во 14 дневна домашна изолација (карантин).

За сите видови групни или индивидуални патувања, патниците од земјите од африканскиот континент кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе биде потпишувањето на Изјава за транзитирање.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од реструктуирање на Проектот за итно справување со КОВИД-19 во Република Северна Македонија, односно на заемот од Светска Банка во висина од 90 милиони евра, и за оваа своја намера да ја извести банката.

Со реструктуирањето на планот за користење на овој заем ќе се обезбедат средства за  финансиска награда за здравствените работници за зголемен обем на работа во борбата со КОВИД-19 во висина од 7,7 милиони евра за исплата на планираниот бонус за период од девет месеци, односно од април заклучно со декември 2020 година.

Дел од средствата ќе бидат пренаменети за набавка на опрема за регионалните здравствени центри, како и за финансирање на набавка на вакцини.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести