Од митингот во Скопје

Објавил: Калина Мартинска | 22 април, 2024 9:35

Поранешниот инвалидски пензионер од Швајцарија под знамето на странска држава му се закани на Мицкоски

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчеравечер од митингот на плоштадот „Македонија“, упати закани до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да не започнува беља.

Во амбиент во кој се скандираше УЧК , со веење на знамиња на Албанија, без ниту едно знаме на државата Македонија, Ахмети во заканувачки тон му порача на Мицкоски да внимавал што зборува бидејќи бил млад.

„Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад“, порача Ахмети.

Мицкоски му врати на Ахмети: Не ме плашат твоите закани, ова не е 2001 туку 2024 година

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во првата изборна единица, Христијан Мицкоски објави дека вчера ја повикал албанската опозиција на обединување против власта и изрази јавна намера дека веднаш по изборите, уште првиот ден ќе оствари контакт со нив за заедничка соработка која ќе се темели на принципи околу кои ќе се обединиме.

-Уште истиот ден се јави Али Ахмети, нервозно одговарајќи, прозивајќи ме со навреди и доза на закани, но треба да знае дека неговите закани не само што не ме заплашуваат, туку и добро ме засмејуваат. Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но сепак со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции, и партиски прослави. Важен му бил на Али мојот оброк од детството, хммм…, чудно па се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат Соравија, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Тој истакна дека ја разбира нервозата и паниката бидејќи за првпат биле прочитани и пред пораз.

Мицкоски нагласи дека доаѓа времето за одговори на многу прашања. Порача дека ова не е 2001-ва, туку 2024-та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците.

-Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат…, дециден е Мицкоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.