Прв круг

Објавил: Калина Мартинска | 24 април, 2024 11:51

Македонија гласа за седми претседател на државата, во трка седум кандидати

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Гласањето на претседателските избори започна во 7:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, ИО ги доставува до ОИК во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

По спроведените избори за претседател на Републиката, ОИК ги сумира резултатите од гласањето на листата на кандидати, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна до 12 часа од завршување на гласањето.

ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

За претседател на Републиката, во првиот изборен круг е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.


Излезност до 9 часот

Од Државната изборна комисија соопштија дека сите избирачки места на територијата на државата се отворени навреме и дека засега не се регистрирани нарушувања или проблеми во избирачкиот процес. Во ДИК се пријавени одредени технички проблеми, но тие тековно се решаваат а доставени се и. До ДИК се доставени и 12 приговори за заштита на личното избирачко право, кои во моментов се обработуваат.

„До 9 часот утрово се пристигнати податоци за гласањето од вкупно 832 избирачки места. Излезноста, според овие податоци, е 3,85 отсто. Од вкупно 402 748 избирачи на овие избирачки места, гласале 15 487. Досега не се пријавени поголеми неправилности, освен некои технички проблеми кои се решаваат „во од“ “, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК.

Од МВР исто така потврдија дека засега не се регистрирани никакви нарушувања на изборниот процес и дека безбедносната состојба е стабилна. Ситуацијата ја следи Кризен штаб формиран во содејство со Јавното обвинителство, зголемен број на полициски службеници се распоредени на терен а зајакнат е и распоредот на дежурства на обвинителите за да се покрие територијата на целата држава.

Во првиот круг има 7 претседателски кандидати и тоа: досегашниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски.

Вториот круг на претседателските ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести