Одлука на Врховен

Објавил: Калина Мартинска | 25 април, 2024 13:27

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски оди во куќен притвор

Фото/Текст извор: ©telma.mk

Врховниот суд ја уважи жалбата за притворот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

Тој од Шутка оди во домашен притвор. На одлуката претходеше јавната седница во Врховниот суд. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка и од декември е во притвор во Шутка.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ по седницата рече дека се уште нема докази против Ѓорчевски, а осомничениот не може да се даде во бегство бидејќи пасошот повеќе не му е важечки и дека соработува со обвинителството во истрагата за убиството на неговата ќерка. Со Ѓорчевски во Шутка бил извршен службен разговор при што тој му дал пристап на обвинителството до неговиот телефон, кој сега е на вештачење.

„Побарани се пасвордот и некои други информации во врска со техничките уреди, лаптопи, телефони и итн. Сето тоа име дадено на службените лица во мое присуство. На лице место е проверено. Телефоните се деактивирани и во овој момент јас немам информација до каде е таа постапка“, изјави Туфегџиќ.

Пред судот се обрати и Ѓорчевски кој кажа дека и самиот водел истрага по исчезнувањето на неговата ќерка и затоа е во притвор. За случајот сега, како што рече, има само делумни информации и дека сака да дознае што точно се случило и да го дочека моментот кога ќе се дознае идентитетот на одговорните за убиството.

„Се соочувам со апсолутни обвинувања до апсолутност. Истата реторика ја приметив и од обвинителот кој прејудицираше некои мотиви кои не ги разбирам. Воопшто не ми беа јасни. При задржувањето во полициска станица не можев да земам здив. Немав глас и не можев солза да пуштам и беа обвинуван за работи кои не ги разбирам. Ми одземаа се и бев прикажуван каков човек и татко сум. Веќе не сум ни родител ни татко. Ехо од човек остана од мене, рече пред Ѓорчевски.

Туфегџиќ рече и дека Ѓорчевски два пати бил подложен на тортура и завршил на клиника и дека за тоа е известен Хелсиншкиот комитет од кој се чека извештај. Воедно во име на семејството на Ѓорчевски поднел барање до Центарот за социјална работа, бидејќи немаат контакт со Миња, сестрата на Вања.

„Трагичната судбина на овој човек, покрај тоа што го има загубено детето, неговата трагична судбина е во добра мера инспирирана од онаа несреќна и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи кој изнесе непроверени наводи, кои беа во јавноста пласирани во форма на обвинение и осудителна пресуда, додаде Туфегџиќ.

Обвинителот Наум Пановски побара да се одбие жалбата и порача дека обвинителството останува во целост на наводите во предлогот за притвор кои се изнесени во решението.

Се уште се чека на екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првосомничен за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според исказите на останатите осомничени, Палевски им кажал дека информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама му ги дал Ѓорчевски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.