Бизнисмен Зоран Антиќ не и непознат на новинарската фела, соработувал и со актуелната власт но и со синот на Сашо Мијалков, но никој не знае од каде соработката со МПЦ - ОА

Објавил: Мирко Бачиќ | 28 ноември, 2018 13:47

Кој е Зоран Антиќ? Со кого ортачи МПЦ во инвеститорските води?

Фото/Текст извор: ©24.mk

И додека МПЦ – ОА сеуште нема одговор како стигнала од верска заедница да стане и инвеститор во градежништвото, колегите новинари истражуваа кој е нивниот ортак, Зоран Антиќ.

Имено по објавата кој се новите сопственици на градежната парцела, активен паркинг спроти хотелот “Холидеј Ин” 24ТВ направи поголема анализа. 

Се бараше одговор на прашањата како кои се новите бизнис партнери што ќе стопанисуваат со најатрактивната локација во Македонија, згради спроти ГТЦ во проект на Зоран Антиќ и МПЦ.

За црковните аналитичари е прилично јасна улогата на црквата секаде каде таа се јавува како сопственик или делумен газда на земјиштето, иако бизнисот и црквата не би трбало да одат рака под рака, интересот, сепак е на прво место.

Земјиштето уште со национализацијата било во сопственост на манастирот „Св.Атанасиј“ во Лешок каде ракоположи владиката Јосиф а со процесот на денационализација, што го започнал уште покојниот владика Кирил, и припаднал на Скопско-кумановската епархија. Засега останува нејасно како и на кој начин дошло до трансформација на сопственоста на земјиштето меѓу двете епархии.

Но, големо внимание привлекува името на бизнисменот Зоран Антиќ – кој го купи приватното и државното земјиште спроти ГТЦ и кој има фирма заедно со МПЦ, вклучена во зделката за атрактивната локација? Кој е Антиќ и какво е неговото бизнис портфолио.

Антиќ има 47 години  а неговото име низ годините се врзуваше со поранешната претседателка на Републичкиот судски совет, Ленче Софрониевска, со чиј сопруг пред десетина години заедно ја поседуваа фирмата Фешн Груп, и ги имаа познатите брендови на бутици во земјава.

Сега атрактивното земјиште го купува преку две фирми. Едната „Обновители“ во која како бизнис партнер се јавува МПЦ а другата М.Г Фешн, што ја поседува со својата сопруга. Оваа компанија која е купувач на локацијата, се јавува како сопственик и во неколку други компании.

М.Г Фешн се јавува како сопственик во компанијата „Волис Проперти ФЛ“, која има уште двајца сопственици, и тоа компанијата „Билдинг Капитал“, што е во сопственост на Чешка компанија и кумановска фирма „Квалитет Пром“, чиј газда е познат по тоа што преку неговите фирми ја добија изградбата на гасоводни делници во земјава.

Антиќ се јавува и како сопственик на фирмата „Капитал Проперти Инвестмент“, која нема директна поврзаност со купувањето на локацијата спроти ГТЦ, но интересна е затоа што оваа фирма Антиќ ја поседува заедно со „Дивелоп Груп“, која пак е во сопственост на Александар Ивановски и на „Бест Веј Инвестмент“, а сопственик на „Бест Веј Инвестмент“е Јордан Мијалков.

Продажбата на локацијата спроти ГТЦ  и најавите дека тука ќе се градат висококатници ја разбранува јавноста. Јавноста и експертската фела негодуваат дали тука треба да се градат висококатници, но се отвора и етичката дилема за учеството на МПЦ во зделката.

Секако стои и прашањето дали продажбата на државното земјиште од 312 евра по квадратен метар во строгиот Центар на Скопје одговара на вистинската вредност иако од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека продажбата е направена согласно важечката уредба за продажба на државно градежно земјиште.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.