Фокусот не е на проширувањето, туку на политика на стабилност во регионот

Објавил: admin@magazin | 29 април, 2019 18:11

Макрон и Меркел со пофалби за Преспанскиот договор како пример за регионот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Започна неформалниот самит за Западен Балкан под водство на Ангела Меркел и Емануел Макрон. И двајцата пред почетокот на состанокот се обратија кусо пред новинарите, без прашања, и ги најавија насоките на дискусиите.

И германската канцеларка и францускиот претседател потсетија дека овој состанок не е посветен на процесот на проширување, туку на регионалната соработка и поддршката за решавање на бројните билатерални спорови во регионот.

Фокусот не е на проширувањето, туку на политика на стабилност во регионот. Треба да работиме заедно за да придонесеме за стабилноста, тоа за Франција значи стратегија за повторно ангажирање во регионот, рече францускиот претседател.

Во контекст на надминувањето на споровите, Макрон и Меркел го посочија македонско-грчкиот пример и Преспанскиот договор како доказ дека со политичка волја е можно да се надминат споровите.

Видовме храбри чекори за спорот за името на „Северна“ Македонија, ова е доказ дека е можно да се најде решение за долгогодишни спорови, рече Меркел и ги поздрави грчкиот и македонскиот премиер, но и Бојко Борисов.

Го видовме тоа со Преспанскиот договор дека може да се решат спорови кои се чинеле нерешливи кога има посветеност, рече Макрон, кој исто така ги поздрави тројцата премиери.

Канцеларката и претседателот најавија дека една од главните точки на разговор ќе бидат односите помеѓу Србија и Косово.

Како можеме да ги придружиме Косово и Србија во обидот за изнаоѓање решение и, што е поважно, да спречиме да стане потешко да се изнајде решение или да се тргне во погрешен правец, рече канцеларката Меркел пред почетокот на состанокот.

За неа, оваа неформална средба има за цел да се поттикне регионот да се “развива заедно“, но дека не мора да значи дека треба да се очекуваат конкретни резултати од денешниот неформален самит.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.