Измените и дополнувањата во Изборниот законик на мета на новинарската фела

Објавил: Мирко Бачиќ | 8 август, 2018 9:24

Медиумските организации со осуда како ДИК ги толкува последните измени

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Новинарите и медиумите со реакции за измените и дополнувањата на Изборниот законик во делот на медиумско претставување.

Здружението на новинарите на Македонија [ ЗНМ ] Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници [ ССНМ ] Советот за етика во медиумите на Македонија [ СЕЕМ ] Македонскиот институт за медиуми [ МИМ ] и Институтот за комуникациски студии [ ИКС ] го осудуваат начинот на кој Државната изборна комисија [ ДИК ] ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.

Во соопштението организациите потсетуваат дека последните измени и дополнувања на Изборниот законик со кои се озакони политичка пропаганда во медиумите платена од парите на граѓаните се однесуваат само на организирање изборни кампањи а не и на организирање референдуми.

ДИК како што се наведува нема законска надлежност да ги толкува законите додека појаснувањето на Комисијата за медиумското претставување за референдумот е паушално без законска основа и ги дискриминира учесниците на референдумот.

“Нејасно е од каде ДИК извлекува право на Собранието на Македонија како организатор на референдумот да му даде приоритет во медиумското претставување, во споредба со останатите учесници на референдумот. Собранието не само што добива привилегиран пристап до медиумите за политичката пропаганда за референдумот туку и трошоците за пропаганда ќе бидат платени од јавни пари.” – се посочува во соопштението.

Другите учесници во кампањата како што се потенцира за референдумот не само што ќе имаат ограничен пристап до медиумите за пропаганда туку и трошоците за огласување ќе мора да ги сносат сами. Ваквото паушално појаснување може сериозно да го загрози легитимитетот и легалитетот на референдумот и затоа ДИК треба веднаш да го повлече се посочува во соопштението.

ЗНМ – ССНМ – СЕЕМ – МИМ и ИКС ги повикуваат медиумите да не дозволат да бидат вовлечени во оваа како што се наведува политичка манипулација.

“Ако денеска дозволат некој да им наметнува правила како треба да се огласува во нивните медиуми утре ќе им кажуваат и како треба да известуваат.” – се посочува во соопштението.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.